fbpx

Порталб: Во Тетово „пинг-понг“ со наставниците, се очекува нов конкурс

-

На повеќе од 20 наставници, во основните училишта во општина Тетово, на 31 август им истекле договорите за вработување и не им биле обновени.

Од Општина Тетово не го наведуваат точниот број на наставници. Неофицијално, станува збор за наставници кои биле пред добивање решение за работа. Наставата во моментов ја изведуваат наставници кои се ангажирани како замена. Државниот просветен инспекторат изврши вонредни контроли во три училишта, пишува Порталб.мк.

Раскинувањето на работните договори на наставниците во тетовските основни училишта предизвика медиумска бура, а во едно од училиштата родителите и учениците дури и ја бојкотираа наставата барајќи да се вратат старите учителки.

За истото Порталб.мк денеска поднесе барање до Општината, преку Законот за пристап до информации од јавен карактер. А со цел да ја види фактичката состојба во училиштата, новинарот на Порталб.мк посети дел од нив.

Во средата и денеска бевме во ОУ „Лирија“, но директорот не го најдовме таму.

Во ОУ „Наим Фрашери“ во средата директорот изјави дека во нивното училиште се пет наставници на кои не им биле продолжени договорите и се заменети со нови. А за други детали не упати да разговараме со секретарката, но денеска не ја најдовме во канцеларија.

Во ОУ „Истикбал“ директорот нѐ извести дека таму нема такви случаи. Не информираше дека имало 18 наставници на кои им истекле договорите, но дека истите се продолжени и ни ги покажа и договорите.

Во ОУ „Кирил и Методи“, дента кога се протестираше, директорката рече дека „има институции каде што може да се решаваат овие работи и дека училишниот двор не е за ова“.

За случајов, во средата Државниот просветен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во основните училишта „Наим Фрашери“, „Лирија“ и „Кирил и Методи“. За наодите и понатамошните постапки, иако од Инспекторатот, за Порталб.мк, изјавија дека ќе дадат подетални информации, тоа досега не го сториле.

Јавноста овој случај го смета како политички мотивиран, но првиот човек на општина Тетово, Билал Касами го негираше тоа. Рече дека нема информации за колку договори се работи и дека тоа зависи од училиштата и директорите.

„Во ниту еден момент не сме интервенирале во училиштата како што тоа е направено во другите општини со смената на директорите и раскинувањето на договорите на вработените“, рече Касами.

Наставата во моментот ја одржуваат наставници кои се ангажирани како замена
Наставниците кои останаа без работа се заменети со наставници кои, како што велат од општината, ќе бидат привремени, односно до завршување на бирократските постапки на новиот конкурс, кој се очекува да биде објавен откако ќе се добие согласност од Министерството за образование и наука. На конкурсот, оние на кои им истекол договорот, ќе може повторно да аплицираат за истото работно место.

„Во моментот кога ќе добиеме согласност за старите финансирања од МОН, тие работни места ќе бидат објавени на конкурс и секој ќе има право да аплицира. Директорот е органот што одлучува за вработување на образовниот и не образовниот кадар. Единствено што општината и градоначалникот можат да направат е да дадат согласност до три месеци. Градоначалникот е должен да им даде на училиштата согласност за замена само до три месеци до моментот на објавување на конкурсите“, рече Назми Даути, од Секторот за образование во општина Тетово.

Сепак, се поставува прашањето: зошто истите наставници не продолжија со работа, туку морале да бидат заменети со други? За ова од инволвираните страни во овој случај нема одговор.

Од Министерството за образование и наука, за Порталб.мк, потврдија дека поради изборниот процес за советот на општина Тетово, согласности се испратени по завршувањето на истиот, поточно на 25 август, и дека се работи за секое училиште посебно.

Сите согласности за објавување на конкурсот за избор на образовниот кадар во основното образование се испратени до општина Тетово“, рекоа од МОН.

Од Општина Тетово, неофицијално информираат дека истите се пуштени по пошта во среда и дека се чека да пристигнат, а потоа ќе продолжат со понатамошните постапки.

Фисник Џелили

ИзворПорталб

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...