fbpx

Не е точно дека МРП вакцината е небезбедна и дека предизвикува смрт

-

МРП вакцината може да има одредени несакани ефекти, но тие се далеку од животозагрижувачки, како што се тврди во објавата што ја анализираме. Несаканите ефекти кои може да ги предизвикува оваа вакцина се опишани на официјалната веб страница на Националниот фармакоинформативен центар (НФИЦ). Тие се болка на местото на инјектирање, треска, благ осип и повремена болка и вкочанетост во зглобовите, најчесто кај тинејџери или возрасни жени кои немаат имунитет (од претходна инфекција или од вакцина). На листата несакани ефекти никаде не се спомнува дека оваа вакцина може да предизвика смрт, пневмонија, глувост или енцефалитис, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на Фејсбук кој шири невистини за безбедноста на МРП вакцината, односно вакцината против морбили, рубеола и паротитис.

Според постот, вакцината предизвикува конвулзии, енцефалитис, пневмонија, глувост, мали сипаници па дури и смрт.

Упатствата за МРП вакцината содржат 42 параграфи на предупредувања и можни несакани ефекти.
Предупредувањата вклучуваат конвулзии, енцефалитис, пневмонија, глувост, мали сипаници и СМРТ. Упатствата предупредуваат дека вакцината може да предизвика оштетување на мозокот или дека може да се заразите со болеста што се обидувате да ја избегнете преку вакцинација, стои во објавата што ја рецензираме.

МРП вакцината е вакцина против морбили, рубела и паротитис. Првата доза воглавно се прима на возраст кај деца од 9 до 15 месеци, додека втората се прима од 15 месеци до 6 години, со растојание помеѓу двете дози од најмалку 4 недели. По примени две дози, ефикасноста за стекнување на имунитет е 97% против морбили, 88% против паротит и најмалку 97% против рубеола. Вакцината се препорачува кај лица за кои нема евиденција за претхoдно стекнат имунитет, кај оние со добро контролирана ХИВ/СИДА и кај нецелосно имунизирани лица, до 72 часа по изложување на морбили.

МРП вакцината во земјава е дел од календарот за редовна имунизација на децата.

Таа може да има одредени несакани ефекти, но тие се далеку од животозагрижувачки, како што се тврди во постот што го анализираме.

Несаканите ефекти кои може да ги предизвикува оваа вакцина се опишани на официјалната веб страница на Националниот фармакоинформативен центар (НФИЦ).

Вакцината против морбили, рубеола и паротитис (МРП) е многу безбедна и ефикасна во превенција на морбили, паротитис и рубеола. Вакцините, како и секој лек, може да имаат несакани ефекти, но повеќето луѓе кои добиваат МРП вакцини немаат сериозни проблеми по нејзино примање, пишува на сајтот на НФИЦ.

Чести несакани ефекти од МРП вакцината се:

  • Болка на местото на инјектирање
  • Треска
  • Благ осип
  • Повремена болка и вкочанетост во зглобовите, најчесто кај тинејџери или возрасни жени кои  немаат имунитет (од претходна инфекција или вакцина).

Како ретки несакани ефекти кои ги предизвикува вакцината се наведени: многу мал ризик од фебрилни напади (напади или грчеви предизвикани од треска) што е ретка појава и не се поврзува со долгорочни ефекти и оток на образите или вратот. Понатаму, како што наведува Националниот фармакоинформативен центар, МРП вакцината ретко предизвикува привремена тромбоцитопенија, што може да предизвика крварење, кое најчесто не е пропратено со третман и не е животозагрижувачка состојба.

Исклучително ретко, може да се појави алергиска реакција кон вакцината. Истата не смее да ја прими пациент кој имал животозагрижувачка алергиска реакција кон антибиотикот неомицин, додаваат од НФИЦ.

На листата несакани ефекти никаде не се спомнува дека оваа вакцина може да предизвика смрт, пневмонија, глувост или енцефалитис.

Енцефалитис, или тежок оток на мозокот предизвикан од вирусот на мали сипаници е компликација од инфекција со вирусот на морбили од див тип. Иако ретко, ова нарушување речиси секогаш настанува кај пациенти со ослабен имунолошки систем. Болеста обично се развива во рок од една година, по првичната инфекција со мали сипаници и има висока стапка на смртност.

Што се однесува до поврзаноста меѓу енцефалитисот и МРП вакцината, како што пишува на страницата на НФИЦ, постојат три објавени извештаи за оваа компликација која настанува кај вакцинираните лица. Во овие случаи, енцефалитисот се развил меѓу 4 и 9 месеци по МРП вакцината. Само во еден случај, вирусната вакцина против мали сипаници била идентификувана како причина.

Дека вакцината е безбедна и не предизвикува сериозни несакани ефекти, потврдува и УНИЦЕФ:

Вакцината е многу побезбедна од заболувањето со мали сипаници, заушки или рубеола. Повеќето деца немаат никакви сериозни проблеми. Вакцините, како и секој лек, може да имаат несакани ефекти. Чести несакани ефекти се: болка во раката од боцкањето, температура и благо исипување. Многу ретки несакани ефекти се алергиска реакција или грчеви.

Според УНИЦЕФ, во периодот меѓу 2000 и 2018 година, вакцинацијата против мали сипаници спречила 23,2 милиони смртни случаи на глобално ниво.

Министерството за здравство одговара на сите митови околу вакцинирањето и истите можете да ги прочитате тука.

Годишно, на светско ниво од морбили се заразуваат околу 20 милиони луѓе и тоа во земјите во развој, Африка и Азија. Со вакцината годишно се спасуваат 3 милиони луѓе и се спречува инвалидитет на околу 800 илјади деца. Во 1980 година, од морбили починале околу 2,6 милиони луѓе. Во 1990 година починале 545 илјади луѓе. До 2014 година, благодарение на глобалните програми за вакцинирање со МРП, драстично се намалува индексот на смртност и тоа на 73 илјади луѓе.

Имајќи ги предвид сите горепосочени факти, можеме да заклучиме дека постот што го рецензираме е невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По одлуката за повисоки плати на УКИМ и професорите на останатите јавни универзитети бараат повисоки плати

Вработените во Универзитетот во Тетово денеска излегоа на протест поради непотпишувањето на Колективниот договор од страна на Собранието за зголемување на платите како на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“....