Илустрација: Снимка од екран од рецензираната вест

Текстот што го рецензираме како основа ја искористил објавата на една небитна личност и ја претворил истата во наводно информативна вест. Темата што ја третира овој медиум е исклучително чувствителна и националистичка, при што се споменува Етничка Албанија, како средство за будење емоции и реакции во албанската јавност, пишува Порталб.мк.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Објавата на еден адвокат на Фејсбук е искористена како извор за вест и е проследена како да ја напишал некој важен функционер.

Текстот е сензационалистички уште во насловот кој говори дека Македонците наводно се плашат дека Албанија ќе го врати Охридското Езеро. Меѓутоа, кога ќе ги прочитате речениците што се во него, ќе забележите дека нема никаков аргумент и ниту еден факт за тоа што пишува. Објавата е едноставно емотивна изјава на адвокат која нема никаква врска со темата што се пишува.

„Познатиот адвокат влеа страв кај Македонците. „Охридското Езеро ограбено од Словените, но Албанија ќе си ја врати вековната загуба“ –пишува во насловот на текстот.

Нема докази дека некој е уплашен, особено не некој припадник на македонското население. Нема релевантни податоци како е ограбено и како може да се ограби езерото за кое се говори. Исто така, нема изјави од релевантни лица како албанските или македонските власти за предметната тема. Текстот нема ниту еден историски факти или некоја слична информација за да се даде контекст, како што се бара во вистинските новинарски текстови.

Во текстот дури се споменува и фактот дека адвокатот го нарекол експремиерот на Северна Македонија, кој е во бегство, Никола Груевски, крадец, а тоа е уште помалку важно кога тоа доаѓа од устата на човек кој нема ниту една државна функција или важна должност во државата од која би бил во позиција да коментира.

„Груевски побегна како крадец, но Албанија ќе си ја врати вековната загуба“, пишува во текстот што го рецензираме.

Историја и национализам, основа за сензационалистички текстови

И покрај историските настани, новинарското известување мора да го почитува актуелниот контекст кога се зборува за две независни републики како Северна Македонија и Албанија кои имаат одлични дипломатски, економски и социјални односи. Историските теми треба да се третираат професионално и со соодветни изјави од лица кои имаат авторитет да зборуваат за тоа. Особено ако се знае дека темата Голема Албанија е исклучително чувствителна и е концепт кој често се користи за пропаганда и за поттикнување меѓуетнички тензии. Северна Македонија и Албанија се земји кандидати за членство во Европската Унија и нивната иднина е во оваа европска структура.

Адвокатот Нѓела е познат за неговите ставови за Голема Албанија

Адвокатот Спартак Нѓела е познат по своите ставови за Голема Албанија. И тоа може да се докаже со неговите објави на социјалната мрежа Фејсбук каде постојано пишува за Голема Албанија и териториите што мора да се вратат.

Адвокатот може да пишува на својот профил, но медиумите не треба да станат плен на ваквите наводи или намерно да ги пренесуваат овие изјави за да ги разбудат емоциите кај читателот.

Загрижувачки е фактот што овој текст на унифициран начин е пренесен од неколку портали на албански јазик во Северна Македонија.

Јасно е, дека овој текст е за пропаганди цели, користејќи ја фигурата на адвокат кој го именува како „познат“ за да ја зголеми тежината на зборот. И за оваа техника на манипулација која се нарекува повикување на авторитет можете да прочитате во Прирачникот на Кри-Тинк за Медиумска едукација.

Принцип на новинарите од Северна Македонија според Етичкиот кодекс треба да биде „да се обидат да спречат цензура и искривување на вестите“, а не да им помогне.