Радијаторите останаа млаки или студени во поголемиот дел скопски домаќинства, и тоа само една недела од почетокот на грејната сезона, што ја отвори битката меѓу регулаторите и БЕГ, „Балкан Енерџи Груп“, најголемиот снабдувач со топлинска енергија на Скопје. Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, РКЕ, велат дека голем број граѓани се жалат кај нив на ладните радијатори и најавија законски измени за поголеми казни за сите оператори на дистрибутивни системи, како и дека ќе поддржуваат судски тужби од незадоволни граѓани.

На некој начин, велат од РКЕ, се чуствуваат изиграни од БЕГ, бидејќи на заедничкиот состанок со нив пред почетокот на грејната сезона, им било посочено дека сè е спремно за непречено снабдување со топлинска енергија.

Од РКЕ соопштија дека се во фаза да предложат измени во Законот за енергетика, со кои ќе  бараат поголеми ингеренции и прецизирање на своите надлежности, во однос на изрекување на повисоки казни кон сите оператори на дистрибутивните системи. Ако поради нивна неажурност и лоша организација, ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона.

„Она што го направи БЕГ на почетокот на оваа грејна сезона е катастрофално, и од наредната година БЕГ ќе биде сериозно казнуван. Поради општиот хаос што го прави на терен, 360 објекти немаат парно. Мораме да ги зголемиме нашите ингеренции и да можеме да изрекуваме сериозни казни, кои ќе бидат врзани со процент од вкупен приход на енергетските компании, а што е и препрака од Енергетска Заедница. Моменталните казни се многу ниски и незначителни, и се движат од 5.000 до 7.000 евра“, ја пренесуваат од РКЕ изјавата на претседателот Марко Бислимоски, дадена во денешното гостување на ТВ 24.

Тој предупреди дека со зголемувањето на казните, РКЕ ќе делува превентивно и ќе ги дисциплинира операторите на дистрибутивните системи, да не се чувствуваат комотно и сериозно да ја сфатат својата улога, со цел да се заштитат потрошувачите.

„Законските измени ќе бидат и во насока веднаш да може да се добијат пониски сметки, ако не се добие услугата. А, не како сега, на крајот од грејната сезона, во порамнителните сметки“, посочи Бислимовски.

Оваа иницијатива, според РКЕ, за зајакнување на ингеренциите преку измени во Законот за енергетика, следува откако на почетокот на оваа грејна сезона беше одржан состанок меѓу РКЕ, БЕГ и другите компании кои го снабдуваат Скопје со топлинска енергија. Тогаш, појаснуваат од РКЕ, од страна на компаниите било кажано дека ќе нема никакви проблеми за старт на грејната сезона.

„Врз основа на информациите од БЕГ, верувавме дека ќе нема проблеми, но во голем дел на Скопје има. Тоа ни го посочија граѓани кои немаат топлинска енергија. Ние мора да делуваме поригорнозно, затоа што очигледно сегашните казни до 7.000 евра не им претставуваат проблем. Ако продолжи ваквото некоректно однесување, ќе ја разгледаме и опцијата за одземање на лиценцата“, изјави Бислимовски. Тој додаде дека потрошувачите имаат право да го тужат БЕГ поради недобивање на топлинска енергија, и дека притоа регулаторите им стојат на располагање за секаква помош.

Надлежните од БЕГ демантира сите тврдењата на Бислимовски, меѓу кои, дека најголем дел од граѓаните не добивале воопшто греење, дека голем дел од Скопје нема никаква испорака на топлинска енергија, како и дека она што сега БЕГ го прави на терен е општ хаос, и дека 360 објекти немат греење.

Во нивното соопштение стои : „ Целосно стоиме на нашата изјава за подготвеност на централниот систем за греење пред почетокот на грејната сезона 2020/2021 дадена во Регулторната комисија за енергетика и водни услуги. Компаниите во состав на групацијата БЕГ АД, се целосно подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на почетокот на грејна сезона 2020/2021. Согласно деловните и оперативните планови беа реализирани сите планирани инвестиции, како и неопходните ремонти и подготовки на системот за централно греење“. Додаваат дека до денеска не е забележан ниту еден дефект во производствените постројки и дистрибутивната мрежа со кои управува БЕГ и дека и испораката на топлинска енергија се одвива непречено.
„Не е точна информацијата дека во 360 објекти не се врши испорака на топлинска енергија. Согласно податоците во Центарот за Грижа на потрошувачи, на 14 октомври 2020 година, еден ден пред почетокот на грејната сезона, бројот на затворени објекти, во кои не постои техничка можност за да се испорачува топлинска енергија, изнесуваше 263 објекти, односно помалку од 10 отсто од вкупниот број на објекти во системот со кој управува БЕГ. Подетално, во 51 објект имаше прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 58 објекти екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаа пристап до топлинската станица и 154 објекти беа оневозможени да добија испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот. „Во моментов бројот на објекти во кои не се испорачува топлина изнесува 81, односно во 12 објекти има прекин во испорака на електрична енергија до топлинската станица, во 16 објекти екипите на операторот немаат пристап до топлинската потстаница и во 53 објекти не се испорачува топлина поради дефект на внатрешната грејна инсталација“, соопштија од БЕГ .