fbpx

Поплаки и пријави за услугите на јавната администрација и за корупција ќе се поднесуваат онлајн и преку телефон

-

Од утре граѓаните ќе може да го користат новиот канал за онлајн-поднесување поплаки и пријави за услугите на јавната администрација и за корупција, порачаа вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

На прес конференцијата на која го промовираа „Електронски систем за онлајн поднесување и следење на пријави“ за услугите кои ги дава јавната администрација, со исклучок на општините и правосудните органи, министрите порачаа дека тој овозможува подобрување на ефикасноста на јавните институции и квалитетот на услугите.

„Веќе од утре граѓаните непречено ќе можат да го користат и преку интернет да ги поднесуваат своите пријави коишто се поврзани со услугите кои ги дава администрацијата или со корупција. Овој систем е од огромно значење, затоа што со него ќе се овозможи ефикасно и ефективно водење на постапките за добивање на услугите, но и навремено постапување на институциите по барањата на граѓаните. Овој систем е уште една алатка што ќе ни помогне во бескомпромисната борба против корупцијата“, изјави вицепремиерот Николовски.

Новиот систем е поставен како посебен модул во Националниот портал за електронски услуги. Поднесувањето пријави ќе се врши или од корисници што се логирани или пак целосно анонимно, без логирање во порталот, но сепак ќе постои можност за евидентирање на поплаката или пријавата. Истото ќе можат да го сторат и преку телефон, за што ќе се воспостави повикувачки центар и ќе се отвори наменска телефонска линија. Телефонскиот број на којшто ќе може да се пријавува 02/3150-050 и истиот ќе биде јавно достапен.

„Поттикнати од пандемијата со КОВИД-19, целиот свет, па и нашата држава Северна Македонија повеќе од кога и да е, е решена на патот на забрзана дигитализација и зголемена примена на дигитални решенија, електронските услуги. Со нив се овозможува брз и лесен пристап до информации, како и остварување на јавните услуги по електронски пат, со што на граѓаните им се заштедува време кое во спротивно би го потрошиле чекајќи во редица пред шалтер“, рече министерот Шаќири.

Пријави и поплаки ќе може да се поднесуваат до сите институции кои што се наоѓаат во рамките на регистарот на институции во административната алатка, тоа се сите институции кои се во рамки на државната управа со исклучок на општините и правосудните органи. Системот опфаќа услуги кои ги нудат 83 институции, а поплаките се поднесуваат за тековно отворени барања за услуги пред институциите.

Електронскиот систем за онлајн поднесување и следење пријави е подготвен со финансиска поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...