Светот ги исфрли пластичните кеси, ние дискутираме дали треба да поскапат

Фото: Бојан Блажевски

Додека светот сосема ги исфрла од употреба пластиката за еднократна употреба и кесите, во земјава сè уште се дискутира за нивното поскапување во маркетите и дали тоа е решение или не за намалување на отпадот. Екологистите деновиве го критикуваа пакетот од шест закони за отпад што се донесе во последните два месеци и велат дека во 2021 година е срамно во земјава да нема развиен систем за селекција на отпад. Граѓанските организации ги прозиваат и општините и сметаат дека бадијала ни се и најдобрите закони, доколку локалните самоуправи не преземат одговорност за нивна имплементација.

Отпадот и начинот на негово депонирање со години наназад е една од најголемите опасности за животната средина кај нас. Овој сектор е и еден од најсериозните емитери на стакленички гасови во земјава, а причината лежи во децениското несоодветно третирање на отпадот, слабо функционалниот систем на селекција и нефункционирањето на циркуларна економија. Долгоочекуваниот и долгонајавуваниот пакет од шест закони за отпад, од кои Собранието последните четири ги усвои пред само десетина денови, сепак, не ги охрабрува еколошките активисти дека овие состојби брзо ќе се менуваат. Тие имаа многу забелешки во процесот на донесување, а и понатаму не се целосно задоволни од конечните текстови на законите. Велат дека не се донесени на комплетно транспарентен начин, ниту пак, очекуваат доследна имплементација.

Реалноста, во моментов, вели дека според последниот национален инвентар на стакленички гасови за земјава, секторот отпад е еден од секторите со најбрзорастечки емисии. Причината за ова е фактот што немаме регионални депонии со систем за рециклирање, а следствено на тоа недостасува и систем за селектирање на отпадот на национално ниво.

Она што треба да биде обезбедено со политиките и законската регулатива за секторот отпад, според Центарот за истражување „Еко свест“, е воспоставување на систем за селектирање на отпадот на неколку фракции (пластика, стакло, лименки, хартија) со цел да се намали отпадот кој го создаваме. Тоа, според нив ќе мора да го направат општините, бидејќи и да имаме најдобра законска регулатива и политики на централно ниво, токму локалните самоуправи општините се оние кои ќе мора да превземат поголема одговорност во соодветно спроведување на овие закони и политики, вклучително и соодветна едукација и информирање на граѓаните на своите општини.

„Навистина е срамота во 2021 година сè уште да се зборува само за примарна селекција на отпад на сув и мокар, наместо на повеќе фракции и уште посрамно е што деновиве дискусијата помеѓу граѓаните е околку зголемувањето на цената на пластичните ќеси што претстои, иако тие во многу држави веќе се забранети за употреба со цел заштита на нашата животна средина и клима“, велат од „Еко свест“.

Оваа област е доста комплексна, а токму заради несоодветниот начин со кој се справуваме со отпадот од секаков вид тој дава голем придонес во загадувањето на воздухот, водата и почвата, сметаат од „О2 Иницијатива“. Граѓанските активисти од оваа организација уште во јули дадоа бројни забелешки за дел од законите, а благодарение на нивните заложби се повлече и дозволата за увоз на отпад како суровина.

„Целиот пакет закони беше обемен, јавноста не беше доволно запознаена со промените, а потребно е време да се анализираат сите измени, да се споредат со тоа што било, да се провери што е целта во делови кои се потехнички и не се јасни. Затоа сметавме дека мора да има јавна расправа во Собранието и да се вклучат сите заинтересирани, за да имаме подобри закони, без недефинирани делови, кои остават простор за манипулации“, велат од „О2 Иницијатива“.

Тие се незадоволни што останува впечатокот дека управувањето се дефинира на хартија, а имплементацијата затајува, заради што и инсистираа на вклучување на поголем дел од експертската јавност и граѓаните, преку реални ситуации од терен или ситуации кога една или друга институција се прегласува за ненадлежна.

Од таму додаваат дека единствената добра работа во овој пакет е што се прифати амандманот за забрана за увоз на отпад како реагенс. Тоа беше направено и во 2019 година како измена на постоечкиот закон, на барање на граѓанскиот сектор. Екологистие прашуваат зошто воопшто таа измена не беше вклучена во новиот закон кога се знаеше нивниот став по ова прашање.

Собранието на С. Македонија овој месец ги донесе Законите за управување со отпадот, за управување со пакување и отпад од пакување, за управување со дополнителни текови на отпад и за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Во август, беа донесени и Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.

Од Министерството за животна средина велат дека се работи за реформа на законодавството во областа на управувањето со отпадот. Опфатени се општиот систем на национално ниво регулиран во општиот Закон за управување со отпадот и посебни закони кои се однесуваат на посебните текови на отпадот, ориентирани кон принципите на циркуларна економија и превенција на отпадот, односно реупотреба, преработка и рециклажа.