Нова епизода на „Шорткат“ – како младите да стигнат до успешна бизнис приказна?

Нови интересни содржини и актуелни теми ви носиме во новото издание на емисијата за млади „Шорткат“.

Во фокус на новата епизода ја имаме успешната бизнис приказна на Настасија и Михаела Штерјови, кои со парични субвенции од државата ја отвориле детската градинка „Малиот принц“. Тие зборуваат за нивниот пат до успехот и упатуваат порака до младите дека целта, упорноста и посветеноста секогаш даваат резултат.

Пренесуваме дел од атмосферата на првото еко-кино на точак во Скопје. Имате можност да видите како помина проекцијата на последниот објавен документарен филм на Дејвид Атенбороу, благодарение на пет велосипеди кои произведуваа чиста струја.

Мала грижа за големото шумско богатство што го имаме – во последните пет години во заштита на шумите имаме вложено помалку од половина милион евра. Во меѓувреме, штетата од шумските пожари годинава изнесува 31 милион евра.

Подетално за овие, но и за другите теми, можете да дознаете во новото издание на „Шорткат“.