Во итните напори да се справат со пандемијата, владите во светот заборавија на абортусот, како есенцијална здравствена услуга. Во голем број на земји пандемијата беше изговор за докторите да не го нудат абортусот, опишувајќи го како „неесенцијален“, „неитен“ или „рутински“. Владите мора да им го олеснат пристапот до безбеден абортус на сите оние девојки и жени на кои им е потребен и мора да го признаат абортусот како есенцијална здравствена услуга доколку сакаат да ги унапредат репродуктивното здравје и репродуктивната слобода на жените“, стои во соопштението „Платформа за родова еднаквост“, а по повод 28 септември – Светскиот ден за безбеден абортус, на кој организации од целиот свет се здружуваат со едно заедничко барање – веднаш да се обезбеди безбеден и легален абортус.

„Здравствената криза предизвикана од пандемијата со ковид-19 за милиони жени го зголеми ризикот од сексуално насилство и недостапна контрацепција и им го ограничи пристапот до безбеден абортус. Мерките на карантин придонесоа клиниките да се затворат или да работат со ограничени капацитети. Жените од земјите со рестриктивни закони за абортус не можеа да патуваат во соседни земји со либерални закони за да направат абортус, бидејќи границите беа затворени додека, пак, пристапот во болнички услови беше ограничен со што за милиони жени прекинот на бременоста стана трка со пречки или невозможна мисија“, стои во соопштението на Платформа за родова еднаквост“, каде членуваат 23 организации од земјава.

Се додава дека постојат научни и медицински докази со точно дадени информации за медикаментозен абортус (прекин на бременост со користење на лекови), кој може безбедно да се изведе и во домашни услови во првите 12 недели од бременоста. Но, иако и во земјава, со демократскиот закон за прекинување на бременоста, лани овој абортус беше озаконет како алтернативна метода на хируршкиот абортус, сè уште не се донесени клиничките упатства за негова примена ниту, пак, таблетите се достапни во аптеките и во здравствените установи.

„Затоа, го повикуваме Министерството за здравство: да ги усвои медицинските протоколи за примена на медикаментозниот абортус; да осигури достапност на лековите, подеднакво за болниците и гинеколошките ординации во примарната здравствена заштита и да овозможи континуиран и непречен пристап до услугите за безбеден абортус за време на пандемиската криза, без разлика на видот на мерките за ограничување на движењето или на пристапот до здравствените установи кои би се донесувале во иднина, со цел спречување на ширењето на ковид-19“, стои во соопштението на „Платформа за родова еднаквост“.