fbpx

Пендаровски по повод 8 Март: Борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост

-

Денеска кога ја одбележуваме борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, како и достигнувањата во повеќе сфери, да се потсетиме дека борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост и достоинствен живот, порача претседателот Стево Пендаровски по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жените.

„Покрај зголемената свест за правата на жените, донесените законски решенија и програми, на патот кон еднаквоста ни остануваат многу предизвици во однос на доследната имплементација на политиките, како и во поглед на образованието и промената на родовите стереотипи и норми“, наведено е во обраќањето на претседателот.

Во него, Пендаровски истакнува дека жените сѐ уште не се доволно застапени на политичките и економските позиции каде се носат клучните одлуки, а економската нееднаквост е јасно видлива и во бројни сектори каде жените се соочуваат со дискриминација и во поглед на платата и во поглед на пристапот и работните услови. Потребата од системско и доследно законско постапување на релевантните институции е клучно кон спречување и заштита од насилство врз жените.

Претседателот се осврна и на жените кои во конфликтите и мировните операции покажуваат дека можат еднакво да бидат во првите редови и одлучно да се борат за правда, да придонесуваат во разрешувањето на конфликти потсетувајќи дека  честопати токму жените се жртви на воени злосторства.

„Не само денеска, секој ден е потребно да оддадеме почит за храброста на жените во воените конфликти и нивната улога во помирувањето“, истакна Пендаровски.

Во свoето обраќање тој се наврати и на пандемијата која нè соочи со растечка нееднаквост во многу сфери.

„Соочени со предизвиците, жените повторно го понесоа поголемиот товар, преземајќи на себе многукратни улоги и неплатен труд во одржувањето на домовите, образованието на децата, грижата за повозрасните“, рече претседателот.

Пендаровски потсети и на заедничката одговорност при проценката како одлуките и јавните политики влијаат на жените.

„Сите имаме одговорност, но пред сè релевантните институции и политичките чинители, за промените кои ќе овозможат поголемо учество на жените во политиката, донесувањето на одлуките, креирање на политиките, управување со процесите, економскиот развој, науката и иновациите“, рече претседателот, додавајќи дека родовата еднаквост е предуслов за слободно, развиено, демократско, праведно и отворено општество.

„Ги поздравувам заложбите на сите чинители кои работат на унапредување на родовата еднаквост и создавање на општество во кое жените сами ќе ги носат своите животни одлуки, ослободени од родово базирано насилство и сексизам, општество во кое на девојчињата нема да им биде спречен развојот поради предрасуди и стереотипи“, заклучи Пендаровски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...