fbpx

Контраспин: Русија не беше приморана да ја нападне Украина за да се одбрани

-

Уште на самиот почеток од својата колумна во дневниот весник „Нова Македонија“, рускиот амбасадор Сергеј Баздникин посочува дека Русија се залага за брз прекин на борбените дејства и изнаоѓање решение преку дипломатијата, на преговарачка маса. И рускиот претседател Владимир Путин во неколку наврати изјавуваше дека Русија е подготвена за дипломатско решение на ситуацијата со Украина. Но, на терен се покажа спрoтивното. Со самото распоредување на над 150.000 војници и тешко оружје во близина на границата со Украина, како и со нападот кој почна на 24 февруари годинава, не може да се зборува за „дипломатско решение на ситуацијата“, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Амбасадорот на Русија во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин, два дена по нападот на Русија врз Украина, во колумна објавена во весникот „Нова Македонија“, говори за приоритетите на Русија во Украина, при што се препознаваат неколку спинови.

Спин: Пред сè, би сакал да изразам благодарност до македонските граѓани, кои чесно се обидуваат да сфатат што се случува, се залагаат за брзо прекинување на борбените дејства, изнаоѓање решение преку дипломатијата, на преговарачка маса.

[Извор: Нова Македонија, датум: 26.02.2022]

Контраспин: Уште на самиот почеток од својата колумна, рускиот амбасадор Баздникин посочува дека Русија се залага за брз прекин на борбените дејства и изнаоѓање решение преку дипломатијата, на преговарачка маса. И рускиот претседател Владимир Путин во неколку наврати изјавуваше дека Русија е подготвена за дипломатско решение на ситуацијата со Украина, но на терен се покажа спрoтивното. Додека Путин водеше дипломатски разговори со францускиот претседател Емануел Макрон, тој донесе одлука за признавање на двете сепаратистички републики, т.н. Доњецка Народна Република (ДНР) и т.н.Луганска Народна Република (ЛНР) во Украина, со што се наруши територијалниот интегритет на оваа земја. Неколку часа по признавањето, Путин го задолжи Министерството за одбрана да „го обезбеди одржувањето на мирот во ДНР и ЛНР од страна на руските вооружени сили“.

Со самото распоредување на над 150.000 војници и тешко оружје во близина на границата со Украина, како и со нападот кој почна на 24 февруари годинава, не може да се зборува за „дипломатско решение на ситуацијата“. За тоа колку Русија навистина е за дипломатски решенија се виде и четири дена по руската инвазија, кога во Белорусија почнаа преговорите меѓу Украина и Русија. Украина побара итен прекин на огнот и повлекување на руските војници, но, како што можеше да се види од ситуацијата на терен, додека траеја преговорите, руските напади врз украинските градови продолжија. Дополнително, истиот ден, Русија, по наредба на Путин, ги стави нуклеарните сили во борбена готовност.

Спин: Вовлекувањето на Украина во НАТО, кое се случува пред нашите очи, и напумпувањето на оваа земја со оружје (од 2014 година САД испратија во Киев оружје во вредност од 2,7 милијарди долари – нели е тоа астрономска бројка? Само во минатиот месец Украина доби 2.000 тони оружје и муниција) во заднина на изразениот антируски курс на нејзините власти се неприфатливи за Русија. Особено во контекст на изјавата на претседателот на Украина за можно добивање од Киев на нуклеарното оружје, се вели во колумната.

Контраспин: Вовлекувањето на Украина во НАТО и испораката на оружје во Украина, не претставува никаква опасност за Русија, како што сака да претстави Баздникин. По распадот на Советскиот Сојуз, 14 источноевропски земји беа примени во НАТО. Четири од тие земји граничат со Русија. На Украина ѝ беше ветено членство во 2008 година, но беше ставена „под мраз“ на неопределено време. Германскиот канцелар Олаф Шолц пред неколку дена во Москва изјави дека членството на Украина во НАТО „не е тема“ во догледна иднина.

Точно е дека НАТО направи подготовки кај своите источни членки за брза прераспределба на војниците. Но, тоа беше направено дури откако Путин го окупираше Крим во 2014 година. НАТО се држи до темелниот договор со Русија од 1997 година за забрана за постојано стационирање на војници во новите членки. Но, од 2016 година, НАТО редовно ги регрупира трупите во балтичките земји и Полска. Овие единици бројат околу 5.000 војници, така што тврдењето дека ова е закана за Русија, која држи под оружје околу 850.000 војници, е нереално.

Што се однесува до испораката на оружје во Украина, таа не е забранета и точно е дека дел држави вршат испорака на оружје за Украина, која е суверена земја и по секоја основа има право да го бара тоа од останатите држави. Украинската армија има потреба од оружје, со оглед на тоа што Русија во изминатите години ги модернизираше своите оружени сили. Од друга страна, Украина мора да размислува како ќе се брани имајќи предвид дека во изминатите 6-8 месеци на нејзините источни и северни граници, оние со Русија и Белорусија, се натрупаа меѓу 150-190 илјади руски војници и тоа со тешко офанзивно вооружување (тенкови, пешадиски оклопни возила, повеќецевни ракетни фрлачи, артилерија, балистички проектили…).

Факт е дека „напумпувањето на Украина со оружје“, како што вели рускиот амбасадор, почна да се случува дури откако станаа сè повидливи трупите на границите со Украина. Пред тоа, испораките на одбранбено оружје за Украина од западните партнери се одвиваа преку претходно договорени планови, откако ќе се извршеа неопходните подготовки, како и преку помали количества.

Во 2014 година, пак, официјални претставници во НАТО изјавија дека Алијансата нема да испраќа оружје во Украина, која не е земја членка, но оти индивидуалните членки имаат целосно право да изберат дали ќе го сторат тоа или не. Испораката на оружје во Украина е сосема оправдана ако се земат предвид и проценките на Обединетите нации дека од 2014 година до февруари 2022 година во државата се убиени од 14.200 до 14.400 луѓе, од кои најмалку најмалку 3.407 цивили, 4.400 припадници на украинските безбедносни сили и 6.500 членови на вооружени групи.

Што се однесува до употребата на нуклеарно оружје од страна на Украина и рускиот страв во поглед на тоа прашање, на безбедносната конференција за светските лидери една недела пред нападот на Русија на Украина, претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави: „Ние немаме такви оружја“.

Украина, којашто го имаше третиот по големина нуклеарен арсенал на светот во текот на Студената војна, се откажа од своите нуклеарни оружја во деведесетите години, во замена за безбедносни гаранции од САД, Обединетото Кралство и Русија.

Спин: Развојот на настаните кон крајот на 2021 година – почетокот на 2022 година и анализата на информациите што ги добиваме ни покажаа дека судирот со украинските национални радикали, кои чекаа само погоден час за удар, беше неизбежен. Русија не остана без друга можност да се заштити себеси и своите граѓани, освен онаа што ние бевме принудени да ја искористиме.

Контраспин: Со цел да го оправда својот напад врз Украина, Русија постојано нагласува дека треба да се запре „геноцидот“ врз Русите во Украина, кои го спроведуваат украинските национални радикали. И амбасадорот Баздникин подолу во својата колумна, исто како и претседателот Путин, ги користи термините „демилитаризација“ и „денацификација“ на Украина.

Терминот „геноцид“ е дефиниран со Конвенцијата за геноцид на ОН од 1948 година како „злосторство на намерно истребување на национална, етничка или религиозна група или припадник на раса“. Дури и мисиите на ОБСЕ, кои, со согласност на Москва, редовно вршат истраги во сепаратистичките области, не пронашле никаква основа за наводите за геноцид.

Според податоците на ОН од 2021 година, во конфликтите во источна Украина досега животот го загубиле околу 3.000 цивили. Според извештајот на ОБСЕ, најголем број цивилни жртви биле убиени во артилериски напади.

Употребата на терминот „денацификација“ во конотација со Украина е сосема погрешно, оценува политикологот Андреас Умланд од Стокхолмскиот центар за источноевропски студии (SCEEUS). Тој посочува дека актуелниот претседател на Украина е Евреин кој победил еден неевреин кандидат на последните избори.

Умланд посочува дека во Украина има десничарски екстремни сили, кои сепак се слаби во споредба со другите европски земји.

На последните избори екстремно десничарскиот Обединет фронт освои само 2,15 отсто од гласовите, рече Умланд.

На удар на критиките се најде една воена единица со десничарска екстремна позадина, која беше активна на почетокот на конфликтот во Донбас. Но, таа група, според Умланд, е интегрирана во постоечките единици на Националната гарда. Десничарските екстремистички групи се минорна појава во Украина, заклучуваат експертите.

Спин: Киев ги игнорираше своите обврски од договорите од Минск од 2015 година, категорично одбивајќи да преговара со раководството на ДНР и ЛНР, истовремено развивајќи го митот за „руската окупација“. Патем кажано, што се договорите од Минск? Ова е токму план за етапно политичко решавање на конфликтот, кој содржи збир чекори во нивниот редослед за страните – Киев и Донечката и Луганската народна република. Тој план беше потпишан од лидерите на Украина, Русија, Франција и Германија, а потоа одобрен од Советот за безбедност на ОН. Киев не исполни практично ништо. Како што сега разбираме, и немаше намера да исполни. Сметајќи, по сѐ изгледа, на воено решение.

Контраспин: Неисполнувањето и неспроведувањето на договорите од Минск не може да се препишуваат само на Украина.

Украина и сепаратистите поддржани од Русија постигнаа договор за прекин на огнот од 12 точки во белорускиот главен град во септември 2014 година. Неговите одредби вклучуваа размена на затвореници, испорака на хуманитарна помош и повлекување на тешкото оружје, пет месеци од конфликтот во кој дотогаш загинаа повеќе од 2.600 луѓе – бројка за која украинскиот претседател Владимир Зеленски вели дека оттогаш се искачила на околу 15.000. Договорот брзо пропадна, со прекршувања од двете страни.

Претставниците на Русија, Украина, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и лидерите на два проруски сепаратистички региони потпишаа договор од 13 точки во февруари 2015 година.

Лидерите на Франција, Германија, Русија и Украина, собрани во Минск во исто време, објавија Декларација за поддршка на договорот. Во договорот беа утврдени воени и политички чекори кои остануваат неспроведени. Голема блокада беше инсистирањето на Русија дека не е страна во конфликтот и затоа не е обврзана со неговите услови.

Точка 10 од договорот, на пример, повикува на повлекување на сите странски вооружени формации и воена опрема од двата спорни региони, Доњецк и Луганск. Украина тврдеше дека ова се однесува на силите од Русија, но Москва негираше дека има сили таму.

Планот за мир договорен во Минск во 2015 година е содржан во 13 точки, но ниту една од страните не беше подготвена за попуштање. Според договореното во Минск, Украина мораше да се откаже од својата економска и финансиска блокада и да му даде на регионот Донбас специјални права во рамките на процес на децентрализација. За такво нешто, меѓутоа, во Киев немаше мнозинство на повидок.

Истовремено, во окупираните територии требаше да се одржат слободни избори, кои би биле набљудувани од страна на ОБСЕ. На такво нешто не беа подготвени ниту сепаратистите, ниту Москва. Се отфрлаше и враќањето на контролата врз границата кон Русија во рацете на Украина. Притоа, со Договорот од Минск е предвидено токму тоа. Признавањето на Путин на Доњецк и Луганск од страна на Русија е исто така прекршување на договорот од Минск.

Дека за неисполнувањето на договорот од Минск има вина и во Русија потврди и Наталија Задуружњук, амбасадорката на Украина во Скопје која во емисијата „200“ што се емитува на ТВ Алсат, потенцираше дека Русија ги прекршила сите договори.

Ситуацијата е многу сериозна имаме огромно собирање на руската војска на украинско-руската граница на украинско-белоруската граница, имаме блокада на Црното Море од страна на Русија. Имаме провокација, гранатирање на градинки и училишта, имаме сајбер напад на државните органи, и вчера прекршувајќи ги сите можни меѓународни документи, почнувајќи од договорот меѓу Украина и Русија, договорите од Минск, брутално прекршувајќи го меѓународното право , Кремљ ја призна независноста на Доњецк и Луганск, изјави Задуружњук два дена пред нападот на Русија на Украина.

Имајќи го предвид сето ова, може да се каже дека колумната на рускиот амбасадор во земјава е полна со спинови со цел да се оправда нападот на Русија врз Украина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...