fbpx

Она кога Русија те брани: Нагорно-Карабах за 24 часа капитулираше пред Азербејџан

Наместо гарант за безбедноста на етничките Ерменци, од официјална Москва вчера пристигна лицемерна изјава дека ситуацијата во Нагорно-Карабах е внатрешно прашање на Азербејџан

-

Русија во 2020 година започна „миротворна мисија” во Нагорно-Карабах, која беше договорена со прекинот на огнот меѓу ерменските и азербејџанските сили. Во оваа енклава беа испратени речиси 2.000 руски војници во улога на „миротворци”, кои требаше да му ја гарантираат сигурноста и безбедноста на ерменското население, кое брои околу 120.000 жители во Нагорно-Карабах.

По речиси три години подоцна, Азербејџан успеа со воени дејствија од само 24 часа да ги принуди властите во Нагорно-Карабах да се предадат, а руските „миротворци” немо ги следат настаните. Ерменија е членка на Организацијата за колективна безбедност (ОКБ) предводена од Русија и има договор за заемна одбрана со Русија, но ова нема да му помогне многу на ерменското население во Нагорно-Карабах, кое стравува за својата судбина.

Енклавата Нагорно-Карабах опкружена од азербејџанска територија; Извор на мапа: en:User:Aivazovsky. Azerbaijan districts numbered.png, ArmeniaNumbered.png, Gg-map.png, and Iran map.png, Общественное достояние, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=1476455

Во азербејџанскиот град Евлах денеска започнаа преговорите зад затворени врати помеѓу раководството на Азербејџан и ерменското раководство од Нагорно-Карабах. Ваквиот расплет на ситуацијата следи откако азербејџанскиот претседател Илхам Алијев синоќа прогласи дека неговата војска воспоставила суверенитет над целата територија на земјата, а силите на Нагорно-Карабах се предале.

Азербејџанските сили успеале во текот на 24 часа да заземат над 90 позиции што ги држеле претходно припадниците на ерменските сили во Нагорно-Карабах. Ерменските власти соопштија дека загинале најмалку 32 лица во нападите, иако претставник за заштита на човековите права од Нагорно-Карабах тврди дека има најмалку 200 загинати, пренесува Би-би-си.

Меѓународната заедница го признава Нагорно-Карабах како дел од територијата на Азербејџан, но ерменските власти стравуваат дека воспоставувањето под контрола на Нагорно-Карабах од страна на Баку ќе води кон иселување на етничките Ерменци од оваа енклава. Азербејџан сега цели да воспостави целосна контрола над оваа територија, за што и се водат денешните преговори во Евлах.

Ваквиот расплет следи откако претходно Азербејџан успеа да го блокира Лачинскиот коридор во период од девет месеци, кој беше единствената патна врска за жителите од Нагорно-Карабах да се снабдат со храна, лекови и сите неопходни средства за живот од Ерменија. Руските “миротворци” требаше да бидат гарант за спречување на ваквата блокада на Лачинскиот коридор, исто како што требаше да ја обезбедат сигурноста на ерменското население во Нагорно-Карабах. Но, наместо тоа, населението изминативе месеци беше оставено да гладува во Нагорно-Карабах.

Наместо гарант за безбедноста на етничките Ерменци, од официјална Москва вчера пристигна лицемерна изјава дека ситуацијата во Нагорно-Карабах е внатрешно прашање на Азербејџан, пренесува руската државна агенција РИА Новости.

„Безусловно, Карабах – тоа е внатрешно прашање на Азербејџан. И Азербејџан дејствува на својата територија, што е признаено и од раководството на Ерменија“, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитри Песков за првиот канал на руската телевизија.

Во меѓувреме, во ерменскиот главен град Ереван веќе два дена беснеат антивладини протести, преку кои демонстрантите бараат оставка од премиерот Никол Пашинијан. Протестантите тврдат дека Пашинијан направил многу малку за да им помогне на етничките Ерменци во Нагорно-Карабах, пренесува Би-би-си.

Покрај оставката од Пашинијан, демонстрантите на улиците на Ереван ги критикуваат и неуспесите на Русија да ги заштити етничките Ерменци во Нагорно-Карабах. Токму Русија го посредуваше прекинот на огнот во 2020 година и испрати мировни сили во енклавата, пишува Гардијан.

Претставник на сепаратистичките сили од Нагорно-Карабах изјави дека досега биле евакуирани повеќе од 10.000 лица од населените места кои биле во непосредна близина на воените дејствија во други населби во енклавата „каде што може да се обезбеди релативна безбедност“.

Гардијан ги пренесува денешните информации на руското Министерство за одбрана, кое тврди дека нејзините миротворци евакуирале околу 5.000 жители на енклавата од опасните локации. Сепак, пишува Гардијан, ерменското раководство, но и протестантите во Ереван стравуваат дека Азербејџан би можел да се насочи кон кампања на етничко чистење во Нагорно-Карабах, додека некои веруваат дека Ерменија може да се вклучи во конфликтот.

Во недостиг на доволна поддршка од официјална Москва, ерменскиот премиер Никол Пашинијан веднаш по почетокот на нападите на Азербејџан врз Нагорно-Карабах свика состанок на Советот за безбедност на Ерменија и побара Русија да преземе чекори, исто како и Советот за безбедност на ОН, пренесе Радио Слободна Европа на македонски јазик. Брзиот развој на ситуацијата покажа дека поддршката од Русија кон Ерменија овој пат отсуствува, а руските “миротворни сили” не успеаја да го одржат мирот во Нагорно-Карабах.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...