Советот за безбедност на Обединетите нации го осуди најновото ракетно тестирање на Северна Кореја, истакнувајќи дека ќе преземе нови мерки, вклучително и санкции поради дестабилизирачкото однесување на Пјонгјанг.

Во соопштението, кое е едногласно усвоено, Советот за безбедност на ОН истакнува дека е многу важно Северна Кореја веднаш да покаже искрена посветеност на процесот на намалување на нуклеарното вооружување низ конкретни акции.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја осуди најновата ракетна проба на Северна Кореја и го повика Пјонгјанг да примени ограничување на нуклеарното вооружување.

– Со овој чин се прекршени резолуциите на Советот за безбедност и таа акција преставува закана по мирот и безбедноста во регионот – наведе Гутереш.

Северна Кореја потврди дека во неделата тестирала нов вид на ракета, наведувајќи дека станува збор за ракетата „хвасонг-12“ со среден до долг домет.

Вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН го свикаа САД и Јапонија.