Реакции по одлуката Саудиска Арабија да го предводи форумот за правата на жените на ОН

Групите за човекови права брзо укажаа на иронијата Комисијата да биде предводена од земја во која јазот меѓу правата на мажите и жените, дури и на хартија, е огромен

Photo by ekrem osmanoglu on Unsplash

Саудиска Арабија е избрана да биде претседавач со комисијата на Обединетите Нации што ја промовира родовата еднаквост, а одлуката е критикувана од групи за човекови права поради исклучително лошото досие на кралството кога станува збор за правата на жените, пишува Гардијан.

Амбасадорот на Саудиска Арабија во ОН, Абдулазиз Алвасил, беше избран за претседател на Комисијата за статусот на жените, со акламација во средата, бидејќи немаше ривалски кандидати и немаше несогласување на годишниот состанок на комисијата во Њујорк.

Алвасил беше поддржан од групата азиско-пацифички држави во комисијата. Кога претседавачот во заминување, филипинскиот пратеник Антонио Мануел Лагдамео ги прашал 45-те членки дали имаат некакви приговори, во салата владеела тишина.

Вообичаено, една земја е претседавач две години, но Филипините беа под притисок од другите членки во Азија да го поделат својот мандат и да ја пренесат функцијата на друга земја по една година.

Се очекуваше Бангладеш да ја преземе функцијата, но подоцна се вклучи и Саудиска Арабија, а овој потег нашироко се смета за обид да се промени имиџот на кралството.

Групите за човекови права брзо укажаа на иронијата Комисијата за статусот на жените да биде предводена од земја во која јазот меѓу правата на мажите и жените, дури и на хартија, е огромен.

Шерин Тадрос, шеф на канцеларијата на „Амнести интернешнал“ во Њујорк, истакна дека Саудиска Арабија ќе биде на чело следната година, на 30-годишнината од декларацијата во Пекинг, значаен план за унапредување на правата на жените на глобално ниво.

„Кој и да е на фотелјата, а сега тоа е Саудиска Арабија, е во клучна позиција да влијае на планирањето, одлуките, прегледот и гледањето напред, во критичната година за комисијата. Саудиска Арабија сега е на чело, но сопственото досие на Саудиска Арабија за правата на жените е огорчено и е далеку од мандатот на комисијата“, рече Тадрос.

Иако саудиските власти одбивале да коментираат, тие укажаа на законот за личен статус воспоставен во 2022 година како доказ за „напредок во правата на жените“.

Сепак, законот предвидува дека жената треба да добие дозвола од машки старател за да се омажи. Според законот, жената мора да го слуша својот сопруг на „разумен начин“, додека финансиската поддршка на нејзиниот сопруг зависи од „послушноста“ на жената.

Од Амнести интернешнал рекоа дека нацртот на претстојниот нов кривичен законик не ги штити жените и девојчињата од сите форми на родово засновано насилство.

„Изборот Саудиска Арабија да биде претседател на Комисијата на ОН за статусот на жените покажува шокантно непочитување на правата на жените насекаде“, рече Луис Шарбоно, директор на ОН во „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ).

„Земјата што ги затвора жените едноставно затоа што се залагаат за нивните права нема причина да биде лицето на највисокиот форум на ОН за правата на жените и родовата еднаквост. Саудиските власти треба да покажат дека оваа чест не е целосно незаслужена и веднаш да ги ослободат сите притворени бранители на женските права, да го прекинат машкото старателство и да ги обезбедат правата на жените на еднаквост со мажите“, вели тој.

Канцеларијата за надворешни работи и развој на Обединетото кралство истакна дека Велика Британија не е членка на Комисијата и затоа нема никаква улога во изборот на претседавачот. Додаваат дека продолжуваат тесно да соработуваат со саудиските власти за прашањата за правата на жените.