fbpx

Одложен судскиот процес против Златна зора

-

Поради отсуство на адвокат на еден од обвинетите, судењето на Златна зора беше прекинато и одложено за 7 мај. Судењето против неонацистичката Златна зора почна рано изутринава во судница во затворот Коридалос во Атина. На судењето не се појави ниту еден член од обвинетото раководство на партијата. Лидерот Никос Михалолијакос, неговата сопруга Елени Заруља, заменик-претседателот на партијата Христос Папас, пратениците Илијас Касидијарис, Илијас Панајотарос, Панајотис Илиопулос, Никос Михос ги претставуваат само адвокати кои бараа отфрлање или одложување на судењето.

Ова е историски судски процес во Грција бидејќи првпат ѝ се суди на цела политичка партија и на нејзиното раководство. За судскиот процес против Златна зора како криминална организација, обвинета за голем број криминални дела, меѓу кои убиството на музичарот Павлос Фисас, напади на имигранти, напади на членови на работничкиот синдикат ПАМЕ, напади на грчки граѓани, изнудување пари, рекет и ред други криминални дела, има вкупно 69 обвинети, повеќе од 120 сведоци, од кои пет заштитени. Заштитените сведоци нема да се појават во судница и со нив се комуницира по телефонски пат. Судењето се одвива под силни полициски мерки, целата област околу затворот е затворена, а во близина на затворот се организирани четири граѓански протести од работничките синдикати АДЕДИ и ПАМЕ и анархистички организации.

На судењето во делот на обвинетите е присутен обвинетиот за убиството на Фисас, Јоргос Рупакијас, поранешниот член на Златна зора и експратеник Статис Букурас, пратеникот Артемис Мантеопулос, додека во публиката се наоѓаат неколкумина пратеници на СИРИЗА, европратениците на Златна зора, како и атинскиот градоначалник Јоргос Каминис, кој е сведок за еден од предметите.

Според информациите на одбраната, изутринава на пат кон судницата во близина на затворот се нападнати двајца од сведоците за процесот на убиството на Фисас. Сведоците биле нападнати од петмина непознати напаѓачи, кои не се уапсени. Сведоците се лесно повредени и се наоѓаат во болница. Според одбраната, ова може да биде причина да се побара судењето да се префрли во друга, поголема судница, која ќе одговори на сериозноста на судењето, бројните обвинети и сведоци, како и на големиот интерес од домашните и од странските новинарски екипи кои го следат судењето. Судницата во која се одвива судењето е истата каде се одвиваше и судењето на уапсените од организацијата 17 Ноември.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Денеска се одбележува Денот на македонскиот јазик

Денеска, на 5 Мај, во земјава се одбележува Денот на македонскиот јазик. Претседателот Стево Пендаровски истакна дека откако пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука, континуираниот развој на...