fbpx

Започна судењето против Трамп – прв кривичен процес против американски претседател

Обвинението од 34 точки го товари Трамп за фалсификување деловни документи во врска со исплата на 130.000 долари на порно актерката пред изборите во 2016 година, за да ја спречи јавно да зборува за нивната наводна афера. Трамп ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани

-

Во Њујорк почна судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во кривичната постапка под обвинение дека се обидел да ја прикрие исплатата на пари на порно ѕвездата Сторми Даниелс.

На почетокот на првото судење за кривично дело на американски претседател, обвинителите побараа од судијата Хуан Меркан да го казни Трамп со 3.000 долари, поради објавите на социјалните мрежи за клучните сведоци во случајот со исплата на Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд.

Обвинителите рекоа дека Трамп ги критикувал сведоците и судските службеници и нивните семејства, и покрај судската забрана да зборува јавно за учесниците во постапката, и го обвиниja за „кампања за притисок“ против адвокатот Мајкл Коен, потенцијален сведок, со цел да ja спречи неговата соработка со властите за спроведување на законот, пренесе Гласот на Америка.

Обвинението од 34 точки го товари Трамп за фалсификување деловни документи во врска со исплата на 130.000 долари на порно актерката пред изборите во 2016 година, за да ја спречи јавно да зборува за нивната наводна афера. Трамп ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани.

Мајкл Коен, поранешниот адвокат на Трамп, сведочеше дека тој лично ја платил Сторми Даниелс и се очекува да сведочи на суд. Според обвинението, Трамп ги покажал тие пари во деловните книги како трошоци за адвокат.

И противниците на Трамп и неговите поддржувачи денеска се собраа пред судницата, а двете групи беа разделени од полицијата.

Се очекува Трамп да се појави на рочиштата, а паралелно да води кампања и за претседателските избори во ноември, каде што ќе биде кандидат на Републиканската партија.

Изборот на поротата од 12 члена, која ќе одлучи дали Трамп е виновен за обвиненијата, би можел да потрае неколку дена, по што ќе следуваат воведни изјави од обвинителите и одбраната, како и изјавите на сведоците.

За фалсификување деловни документи е предвидена затворска казна од четири години. Трамп би можел да добие помала казна бидејќи не е осудуван, но американските медиуми наведуваат дека не му оди во прилог тоа што јавно се спротивставил на судијата и ја навредувал ќерка си.

За Трамп да биде прогласен за виновен, обвинителството мора да докаже дека не само што фалсификувал деловни документи, што би било прекршок, туку дека имал намера да прикрие уште едно прекршување на законот, што е кривично дело.

Доколку Трамп биде прогласен за виновен, дури и да биде осуден на затворска казна, тој ќе може да учествува на претседателските избори на 5 ноември.

Против него се водат постапки за уште три кривични дела – за незаконско постапување со доверливи документи, за обид да се поколебаат резултатите од изборите во 2020 година во негова корист и за обид да се влијае на резултатите од изборите во државата Џорџија. За ниту еден од овие предмети не е започнато судење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Како порталот Спутник, гласноговорник на Кремљ, известуваше за македонските избори?

Два лајт мотива беа содржани во најголемиот дел од анализите и текстовите за изборите во Северна Македонија низ призмата на проруски Спутник. Првиот е дека С. Македонија има притисоци...