Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е уапсена по налог на Обвинителството за организиран криминал и корупција, потврди републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Поранешната шефица на СЈО е новото осомничено лице во предметот „Рекет“, а се товари за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластувањата“.

Обвинителката Вилма Русковска на денешната прес-конференција потврди дека уапсената Јанева прво е однесена во просториите на СЈО, од каде е одземен службениот компјутер на специјалната обвинителка.

Од Обвинителството ги демантираат информациите на некои медиуми дека во моментов се апсат политичари и други јавни личности. Обвинителката Русковска нагласи дека нејзиното обвинителство нема испратено барање за претрес во домови на политичари, а ако имало такво нешто, тогаш тоа не е поврзано со работата на ова обвинителство.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески нагласи дека нема индиции оти незаконски прибавените средства завршиле кај домашни или странски политичари. На прашањето каде се парите земени од бизнисменот Орце Камчев, обвинителот Јовески одговори:

– Тоа е сензитивно прашање и повеќе детали во овој момент не можам да дадам – посочи тој.

Обвинителството за организиран криминал ја терети Катица Јанева дека се стекнала со имотна корист во висина од 298.000 денари во материјални добра – мебел.

Барањето за притвор за Катица Јанева од ова обвинителство треба допрва да биде разгледано од судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје.