Објавен е конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“

Струшки вечери на поезијата. Фото: Фестивал СВП

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) во соработка со УНЕСКО го објави конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ 2023 за најдобра дебитантска книга од млад автор.

Конкурсот е отворен до 21 февруари, додека поетот-лауреат ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата, 21 март.

Услови за учество на конкурсот за наградата се дебитантски книги на млади поети под 35 години кои се издадени во претходните две години, односно во 2021 или 2022 година.

Кандидатите треба да испратат три копии од книгата со која конкурираат, како и најмалку 7 песни од истата книга преведени на англиски јазик на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата – поштенски фах 111, 6330 Струга, Република Северна Македонија или пак преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки. Покрај ова, кандидатите треба да испратат и кратка биографија на англиски јазик. Апликацијата треба да се поднесе и во електронска верзија на адресата [email protected]. Организаторите велат дека, заради дополнителна сигурност, потребните документи треба да се испратат и на [email protected]. Заедно со материјалите, кандидатите треба да го испратат ISBN бројот на делата.

Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на поетот-лауреат во превод на македонски јазик.

Поетот-лауреат ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ што ќе се одржи кон крајот на август, каде ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

Повеќе информации околу конкурсот може да се најдат на интернет-страницата на Струшките вечери на поезијата.

Наградата „Мостови на поезијата“ беше воведена во 2003 година, како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото.

Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО заеднички го чествуваат 21 март, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.