Њујорк Тајмс: Протечени документи разоткриваат строго следење и цензура во Русија

Фото: Tom Pottiger on Unsplash

Протечени документи од рускиот државен регулатор на комуникациите „Роскомнадзор“ покажуваат како Русија врши дигитално следење на своите граѓани и цензурирање, изедначувајќи се со авторитарните држави како Кина и Иран и дека од основањето на Роскомнадзор во 2008 година, Путин го претворил во систем на шпионажа заради задржување на моќта, пишува „Њујорк Тајмс“.

Весникот анализирал околу 160.000 записи и документи што протекле од Бирото на Роскомнадзор за Република Башкортостан.

„Во четвртиот ден од војната во Украина, рускиот голем следачки и цензорски апарат веќе силно работел. На некаде 800 милји (околу 1.300 километри) од Москва, властите во Република Башкортостан, еден од 85-те региони на Русија, биле многу ангажирани со следење на расположението во коментарите на социјалните медиуми. Давале негативни реакции на Јутјуб постови за коишто велеле дека ја критикуваат руската влада. Ги бележеле и реакциите за еден локален протест“, ја почнува „Њујорк Тајмс“ својата приказна за следењето и цензурата во Русија.

Набрзина дознаваат сѐ

Еден од извештаите за овие активности што весникот ги прераскажува, а е за „дестабилизацијата на руското општество“ посочува на уреднички коментар на еден онлајн медиум квалификуван како „опозиционерски“ кон власта, во кој се вели дека претседателот на Русија Владимир Путин си ги тера своите интереси со инвазијата на Украина. Во извештајот се наведува детално кои се сопствениците на сајтот и каде живеат.

Друг извештај од 28 февруари насловен „Присуство на протестно расположение“ предупредува дека некои искажуваат поддршка за демонстрантите и „зборуваат за потреба да се сопре војната“.

Вкупно околу 160.000 записи од Башкортостан заедно го отсликуваат клучното лице на системот за следење и цензура на Путин, којшто власта го користи за да ги пронајде и следи противниците за да го задуши противењето и да ги потисне независните информации дури и во најзафрлените краишта на земјата, пишува „Њујорк Тајмс“.

Но, Роскомнадзор е само делче од поголема технолошка апаратура што Путин ја има градено низ годините, којашто вклучува и домашен систем за прислушување што снима телефонски разговори и интернет сообраќај, како и онлајн дезинформациски кампањи и хакерски упади во системите на странски влади.

Изгледа дека улогата на агенцијата Роскомнадзор е поопсежна отколку што досега се знаело ако се гледа по документите. Агенцијата се преобразила низ годините од успан телекомуникациски регулатор во „прописна“ разузнавачка агенција што будно следи веб-страници, социјални медиуми и класични медиуми, означувајќи ги како „провладини“, „антивладини“ или „аполитични“.

Илустрација: Факсимил од извештај објавен од Distributed Denial of Secrets

Роскомнадзор ги идентификувал и ги следел луѓето зад антивладините онлајн профили и доставувал детални информации за онлајн активностите на критичарите до безбедносните служби. Тоа било придружено од активностите во вистинскиот живот, во кој следените биле напаѓани за тоа што го кажувале онлајн. Некои биле уапсени и држени во притвор со месеци. Други избегале од Русија од страв.

Разбивање на критички студентски медиуми

Во еден случај што покажува каква еклатантна цензура се спроведува, медиумската организација DOXA, во која работат студенти и неодамна дипломирани, во јануари 2021 објавила видео во кое се повикуваат студентите да проговорат против Путин, а три дена подоцна им стигнал мејл од Роскомнадзор.

Во него се вели дека видеото е додадено во списокот на „забранети информации“ што „ги поттикнуваат малолетниците да учествуваат во активности што се опасни за нивните здравје и животи“. Агенцијата наредила видеото да биде отстрането, DOXA го сторила тоа, но потоа ја тужела Роскомнадзор.

На 14 април 2021 година, во 6 часот наутро, руската полиција упаднала во редакцијата и во становите на четиримина од уредниците. Уредниците добиле домашен притвор и им било забрането да се вклучуваат на интернет. Сепак, веб-страниците не биле блокирани и новинарите продолжиле да објавуваат содржини.

Но, откако почна војната во Украина, во февруари DOXA објавила и водич за „антивоени расправи во семејството и на работа“, што вклучувал и 17 одговори на најзастапените аргументи со кои се оправдува војната. Содржината многу бргу станала вирална и се ширела. Тогаш Роскомнадзор блокирала три веб-страници на DOXA, коишто сѐ уште се офлајн. Некои од луѓето избегале од земјата, други ја напуштиле организацијата стравувајќи за својата сигурност.

Навални постојано „на нишан“

Документите што ги разгледувал „Њујорк Тајмс“ разоткриваат и опседнатост со една од најголемите опозициски фигури, Алексеј Навални. За Бирото на Роскомнадзор во Башкортостан ниту најбеглото споменување на Навални не било небитно. Вработените во агенцијата ги линкувале во извештаите сите статии, постови и коментари каде воопшто било напишано името на опозиционерот. Во месечните извештаи детално ги наведувале сите критики за власта искажани онлајн.

Руските власти го додадоа опозиционерот Навални на државната листа на “терористи”

Станува збор за материјали „тешки“ повеќе од 700 гигабајти што во март ги објави DDoSecrets (Distributed Denial of Secrets), група слична на Викиликс.

Системот е создаден да контролира испади како оној од оваа седмица, кога во Русија се протестираше против мобилизацијата на околу 300.000 резервисти за војната во Украина, при што околу 1.200 луѓе беа притворени поради учеството во протестот.
Работејќи на приказната, „Њујорк Тајмс“ креирал софтвер и пребарувач за да ги анализира документите, табелите, видеата и владините презентации. Интервјуирал петмина што биле следени од Роскомнадзор, но и активисти, правници и компании што се бореле со регулаторната агенција, како и експерти за следењето и цензурата во Русија.

Приведени над 1.300 учесници во антивоените протести во Русија

„Ова е дел од авторитарниот систем. Тие следат“, вели Абас Гаљамов, поранешен врвен владин функционер во Башкортостан, кого што Роскомнадзор исто така го следел поради неговите критики за Путин.

Во последната деценија, регулаторната агенција ги казни и Гугл, Фејсбук, Твитер и Телеграм, за да ги присили да отстранат содржини за кои руските власти велат дека се нелегални. Во 2019 година, за да го засилат следењето на интернет, што и претходно се правело, Роскомнадзор нарачал нова технологија за цензурирање да се инсталира во мрежите на телекомите во целата земја. Потоа агенцијата блокирала или успорувала сајтови од својата централа во Москва. Роскомнадзор потоа посетувал сајтови за да провери дали технологијата е правилно инсталирана и испраќал извештаи за ефикасност на овој цензорски систем, наведува Њујорк Тајмс.

Роскомнадзор и ФСБ ортачки против противниците на Путин

Владимир Вороњин, адвокат што застапувал активисти и медиумски групации што станале цел на Роскомнадзор вели дека регулаторната агенција тесно се поврзала со Федералната служба за безбедност (ФСБ), која има систем за следење наречен „Систем за оперативни истражни дејствија“, којшто се користи за прислушување телефонски разговори и следење на интернет сообраќајот во Русија.

За разлика од, во овој поглед, технолошки понапредната Кина, каде што интернет-следењето е поавтоматизирано, работата на руските цензори е „рачна“, покажуваат документите.

Но, она што на Русија ѝ недостига во софистицираноста, таа го надоместува со решителност, пишува американскиот весник.

Во Башкортостан, протечени документи како еден извештај на шест страници за регионалниот „информативен простор“ од декември 2021 ги сумира критиките за Путин од активистите и блогерите. Во документот, властите ги мерат чувствата на графикон на кој се претставени настани и пораснатото противење од јавноста. На моменти проценката зазвучува како метеоролошка прогноза. „Мирно, со одвоени помали џебови на тензии“, се вели во еден извештај за јавното расположение по апсењето на еден локален активист, пишува „Њујорк Тајмс“.

Социјалните медиуми Роскомнадзор ги гледал како формат за „мека власт“ којшто може „да влијае на размислувањето на масите“, се гледа од еден документ.

Вработените во агенцијата трагале по „дестабилизациски субјекти“ како опозиционерски групи и „антимилитаризам“, но и на други општествени теми како легализација на дроги и „сексуални слободи“.

Роскомнадзор следел и локални државни медиуми и политички водачи, за Путин да ги држи на око и непријателите и сојузниците, вели Гаљамов, кој сега живее надвор од Русија.

Во некои случаи, цензорите правеле снимање на своите активности, сосе мрдањата на стрелката на екранот.

Извор на фотографија: Ukrinform.net

Во првите седмици од војната во Украина, цензорите на Роскомнадзор ги засилиле напорите и се фокусирале не само на војната, туку и на индиректните ефекти, вклучувајќи го тука и реагирањето на јавноста на ударот на државата врз противниците на војната, како и жалењето за ефектите од инвазијата, како што е покачувањето на цените.

На 27 февруари, вработените во агенцијата ги следеле реакциите на извештаите дека семејство од Уфа, со мали деца, било притворено оти протестирало против војната. Во друг извештај се следело како бргу се шири онлајн информацијата за човек што протестирал и бил тепан и електрошокиран.

„Некои корисници негативно ги оценуваат активностите на безбедносните агенции“, навеле следачите, додавајќи дека 200.000 корисници ја прочитале веста на апликацијата „Телеграм“.

Документите објавени од DDoSecrets разоткриваат и како се одвивало канцелариското секојдневие на вработените во Роскомнадзор во Башкортостан. Го одбележувале државниот празник на жената и си споделувале мемиња. Во едно видео, се шегуваат за случајно блокирање на веб-страницата на Кремљ и за подмитување судии со алкохол и чоколада.