Водечкиот руски опозиционер Алексеј Навални од страна на руските државни власти денеска е прогласен за “терорист”. Најгласниот критичар на владеењето на претседателот Владимир Путин е вклучен на листата на “терористи и екстремисти” на руската федерална служба за финансиски мониторинг Росфинмониторинг, пренесува Гласот на Америка.
Заедно со Навални, на овој список се вметнати и петмина соработници на рускиот опозиционер, вклучувајќи ја Љубов Собољ, Вјачеслав Гимади, Георги Албуров, Лилиа Чанушева и Руслан Шавединов.
Самиот Алексеј Навални веќе една година се наоѓа во руски затвор, додека блиската соработничка Љубов Собољ е надвор од Русија поради тоа што беше изложена на прогон од руските државни власти.
Покрај блиските соработници на Навални, на листата на “терористи и екстремисти” се додадени и најмалку девет лица поврзани со опозициското движење. Руските државни власти на оваа листа ставија и десетици новинари и неколку руски медиумски куќи коишто критички известуваат за владеењето на Путин, но и истакнати групи за борба за човековите права.
Одлуката за прогласување на Навални за терорист е дел од мерките за репресија против опозицијата и критичките гласови во Русија, земајќи го предвид фактот дека на оваа руска листа се наоѓаат екстремно десничарски групи и терористички организации од целиот свет, меѓу кои и Исламската држава.