fbpx

Новиот пакт за миграција и азил – можна ли е „флексибилна солидарност“?

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Во септември 2020 година Европската комисија поднесе низа документи, со кои се предлага ревизија на политиката на ЕУ во областа на миграцијата и азилот. Покрај коминикето „Нов пакт за азил и миграција“, Комисијата предложи измени на сите главни директиви од оваа област, план за реализација, како и неколку препораки и насоки.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Ревизијата го признава неуспехот на оваа политика од 2015 година наваму. Потфрли принципот на солидарност во ЕУ – државите-членки не беа подготвени да го прифатат товарот на бегалците, односно да се реалоцираат бегалци во секоја држава врз основа на квоти.

Државите-членки беа (и остануваат) изразено поделени во односот кон бегалците – меѓу Истокот и Западот. Според истражувањата на Фондацијата Фридрих Еберт, најнегативно расположени кон мигрантите се граѓаните на државите од Централна и Источна Европа, во што предничат Унгарија, Чешка, Словачка и Бугарија. Граѓаните од балканските држави се помалку непријателски расположени кон мигрантите – во група со балтичките држави и Полска.

Разлики има и на Западот, кој генерално има помалку негативна перцепција кон мигрантите, но со разлики меѓу државите, како и меѓу региони во самите држави. Ставовите на државите не се далеку од перцепциите на граѓаните.

Дури, Европскиот суд на правдата пресуди дека Унгарија го прекршила правото на ЕУ за азил со тоа што не им овозможува поднесување барање за азил на мигранти, како и дека нејзините кампови на бегалци во транзитната зона се всушност притвор, а не „ограничување на движењето“. Меѓутоа, според Унгарскиот хелсиншки комитет, се продолжува со практиката на присилни враќања на мигранти во Србија. И Фронтекс (Агенцијата на ЕУ за граници и крајбрежни стражи) одлучи да ги прекине операциите во оваа земја, поради непочитување на миграциското право на ЕУ. Згора на тоа, и самиот Фронтекс се соочува со критики и истраги.

Во обид за пореалистичен пристап, Европската комисија со предложениот Нов пакт ја задржува солидарноста во центарот како „задолжителен механизам на солидарност“, но значително видоизменета – во форма на „флексибилна солидарност“. Накусо, државите би можеле да бираат меѓу реалокација на мигранти и спонзорство на нивното враќање, како и придонес за градење капацитет и оперативна поддршка.

Сепак, последниве две опции не би биле на располагање во ситуација на миграциска криза. Од септември наваму државите-членки одржаа неколку состаноци на Советот, но сите тие беа неформална размена на мислења.

Оттаму, може да се заклучи дека е сѐ уште прилично рано да се зборува за приближување на разликите меѓу државите-членки.

Критиките на научните кругови и граѓанскиот сектор се во дијапазон од недостаток на заедничка политика, цели и имплементација (како на пример оние на научната мрежа „Одисеј“) до предупредување дека некои решенија ги загрозуваат правата на бегалците и мигрантите гарантирани со Повелбата на темелните права на ЕУ (како на пример мислењето на Европскиот совет за бегалци и изгнаници).

Многумина укажуваат на можни проблеми при имплементацијата на предложената флексибилност. Она што нас посебно нѐ интересира е секако што содржи новиот Пакт во контекст на надворешните односи на Унијата, како и поконкретно за Западниот Балкан. Во надворешните односи прашањето на миграцијата се поставува како „суштинско“ и поврзано со политиките на развојна соработка, визна политика, трговија, енергетика, животна средина…, при тоа приоретизирајќи ја реадмисијата.

Тоа имплицира зајакнување на ова прашање во политиката на условеност. За Западниот Балкан се истакнува потребата од „пристап по мерка“, имајќи ја предвид перспективата за членство и потребата од поголема координација за јакнење на капацитетот како држави-членки. Посебно се нагласува соработката со Фронтекст, преку статусните договори, кои треба да ја овозможат поддршката и соработката за управување со границите и „да го олеснат доброволното враќање“.

Меѓутоа, да се потсетиме – статусниот договор меѓу Фронтекс и Северна Македонија е „под мраз“, поради неприфаќањето на Бугарија во договорот да стои „македонски јазик“. Овој проблем уште сега го доведува во ризик спроведувањето на микграциската политика на ЕУ во нејзиното соседство.

И уште нешто што е многу релевантно за Западниот Балкан – Комисијата предлага и нова иницијатива од областа на легалната миграција – „Партнерства за таленти“ (Talent Partnerships), со која би требало да се „помогне да се совпаднат потребите за работна сила и вештини во ЕУ, како и да биде дел од инструментариумот на ЕУ за ангажирање на партнерските земји стратешки за миграцијата“. Меѓутоа, веќе е изразена загриженоста дека ова може дополнително да го зголеми проблемот на „одливот на мозоци“ од регионот.

Во секој случај, дискусијата по предложениот нов Пакт за миграција и азил на ЕУ е секако многу релевантна и за нашиот регион и за нашата држава. Оттаму, аргументиран придонес во таа расправа е повеќе од неопходен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...