fbpx

Никако да почне чистењето на отровниот рид во Велес

-

На бандерите во Велес секојдневно можат да се забележат жални вести за починати и млади и средовечни лица кои прерано си заминуваат бидејќи заболуваат од рак и други болести предизвикани од долгогодишното труење од топилницата за олово и цинк. Иако овој индустриски капацитет не функционира веќе петнаесетина години отровните остатоци од неговото работење сè уште ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на населението. Доказ за тоа се редовните истражувања кои покажуваат дека во почвата и земјоделските производи во овој регион има присуство на олово, кадмиум и други тешки метали над дозволените граници.

Една од главните причини за загадувањето на почвата е ридот од техногената минерална суровина (троска) во близината на градот. Иако постои план за дислоцирање на троската, тој сè уште не се реализира. Измина речиси една година откако Владата на 86. седница одржана во септември минатата година дозволи компанијата „Кепс монт груп“ да ја презеде концесијата за експлоатација на троската кај локалитетот Баш Колиби во општина Велес од друштвото за собирање и примарна преработка на отпадоци „Еко-центар 97“, но процесот на дислокацијата на отровната троска сè уште не е започнат.

Според најавите од новиот концесионер, троската требаше да се извезува во Малезија.„Мета“ се обиде да добие одговори за тоа каде се пречките за оддолжувањето на извозот, но претставниците на компанијата поради тоа што се на годишен одмор најавија повеќе информации од следната недела. Во меѓувреме одговори побаравме од еколошкото друштво „Вила Зора“, чии членови се едни од главните „виновници“ за затворањето на топилницата и кои подолго време се занимаваат со оваа проблематика.

„Според нашите информации, извозот на троската треба почне најдоцна идниот месец, а одолговлекувањето е поради тоа што новиот концесионер имал проблеми да обезбеди струја за да го започне процесот. „Кепс монт груп“ сериозно пристапи кон реализација на планот, обезбеди А-интегрирана еколошка дозвола и вети дека локалитетот ќе го исчисти од троската за четири години“, вели Кире Кочев од „Вила Зора“.

Сепак, тој додава дека дислокацијата на троската нема да го реши веднаш проблемот со загадувањето бидејќи е потребно соодветно да се исчистат и затворат капацитетите односно индустриските погони на топилницата по што би требало да следува процес на деконтаминација на почвата. Кочев информира дека чистењето на почвата е единствено можно со садење на фуражни култури кои потоа би биле уништувани наместо како сега на оваа почва да се одгледуваат земјоделски култури кои потоа збогатени со тешки метали завршуваат на македонските трпези, но и на пазарите во регионот.

„Нашето здружение спроведе проект во кој на пет хектари посадивме маслодајна репка која се покажа како култура која многу успешно ја чисти земјата односно ги апсорбира металите присутни во почвата на длабочина од 20 до 40 сантиметри. Сепак, за да се спроведе сличен процес на поголема површина мора да има помош од локалната самоуправа односно државата“, вели Кочев.

Според него, надлежните државни институции треба да најдат начин преку субвенции, грантови и други механизми да ги поттикнат земјоделците да садат маслодајна репка и други култури со кои почвата би се деконтаминирала, а кои потоа би биле уништувани како опасен отпад. Тој информира дека „Вила Зора“ за тоа подготвува четиригодишна стратегија која ќе им ја понуди на општина Велес и на државата.

„Прашање е колку тие ќе бидат ефикасни во реализација на плановите за деконтаминација на почвата“, вели Кочев.

Еколозите укажуваат дека во најдобар случај почвата во велешко би била исчистена од тешки метали за десет години, но услов за тоа е веднаш да почне дислокацијата на троската и државата да посвети сериозно внимание на решавање на овој проблем.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...