петок, 17 април, 2026
Meta.mk

Ќе се менуваат критериумите за избор на членови во раководните органи на јавните претпријатија

Министерство за економија подготвува измени на Законот за јавните претпријатија, со коишто се предвидува промена во начинот на избор на членови во управните органи.

„Јавните претпријатија се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес. Јавни претпријатија во име на Република Северна Македонија основа Владата на Република Северна Македонија, во име на општината советот на општината и во име на градот Скопје Советот на градот Скопје. Органи на јавното претпријатие се: управен одбор, директор и надзорен одбор. Управниот одбор на јавното претпријатие се состои од најмалку пет, а најмногу 15 членови. Законот за јавните претпријатија ја регулира работата и делувањето на јавните претпријатија. Законот содржи услови за назначување на членови на управни одбори, директори и членови на надзорни одбори. Сепак, условите за назначување на членови на управни и надзорни одбори се премногу општи и не се поврзани со самата надлежност на јавното претпријатие. Во однос на назначувањето на овие лица, недостасува мерит процедура, односно не е регулирана постапка за избор на најдобар кандидат, во случаи кога има повеќе кандидати за една позиција“, се вели во образложението објавено на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) .

Се додава дека целта на овие измени е да се воспостави мерит процедура за селекција и назначување на членови на управните и на надзорните одбори во јавните претпријатија.

„Дополнително законот пропишува и услови за разрешување на членовите на управните и надзорните одбор на јавните претпријатија, ги зајакнува критериумите за членови на управни и надзорни одбори, го намалува бројот на членови на управни и надзорни одбори, како и утврдува профил на лица кои можат да бидат членови на управни и на надзорни одбори“, пишува во образложението.

Просечната камата на депозитите на домаќинствата падна на 0,88 отсто

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, изнесува 0,88 отсто и е минимално намалена за 0,01 процентни поени на месечно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

„Притоа, промената се должи на пониските каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и депозитите во странска валута (за 0,01 процентни поени, соодветно), во услови на непроменета каматна стапка на денарските депозити со валутна клаузула. Споредено на годишно ниво, просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата бележи пад за 0,27 процентни поени“, соопшти Народната банка.

Во февруари, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е зголемена за 0,20 процентни поени во споредба со претходниот месец и изнесува 0,86 отсто.

„Нагорната промена се објаснува со растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,31 процентни поени) и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,04 процентни поени). Овој месец, кај банките и штедилниците не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата бележи намалување за 0,33 процентни поени“, велат од Народната банка.

Во февруари 2021 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити (корпоративните и за домаќинствата), бележи минимален месечен пад од 0,01 процентен поен и изнесува 4,61 отсто, додека на годишна основа е намалена за 0,30 процентни поени.

„Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,92 отсто и оствари минимално месечно намалување од 0,01 процентен поен. На годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните депозити е пониска за 0,27 процентни поени“, информираат од Народната банка.

Народната банка очекува значителен пораст на цената на нафтата во 2021 година

Според најновите оцени за 2021 година, кај цената на нафтата се забележува поголема нагорна ревизија, при што тековно се очекува значително поголем ценовен раст во однос на октомври, соопшти Народната банка во извештајот за најновите макроекономски показатели.

Оттаму информираат дека нагорната ревизија е одраз на очекувањата на инвеститорите за дефицит на страната на понудата, како резултат на намаленото производство на нафта од страна на земјите од ОПЕК и очекувањата за раст на глобалната побарувачка на нафта, поттикнато од попозитивните изгледи за глобалната економија поради процесот на имунизација во сè поголем број земји.

„На 5.1.2021 година, освен одлуката на земјите од ОПЕК за продолжувањето на мерката за ограничувањето на производството на нафта, Саудиска Арабија донесе одлука за доброволно намалување на своето производство на нафта во февруари и март 2021 година за дополнителни 1 милион барели нафта на ден. Следствено, во првите три месеци од 2021 година, квотите за ограничување на производството ќе изнесуваат во просек 7,8 милиони барели на ден, наспроти претходните 7,1 милион барели на ден (во просек) за овие три месеци“, појаснуваат од Народната банка.

Од друга страна, за 2022 година е извршена надолна корекција, при што се проектира пад, наместо малиот раст предвиден во октомври.

За анализата на цените на нафтата, металите и примарните прехранбени производи се користат разни извештаи на ММФ, Светската банка, ФАО, ОПЕК, ЕЦБ и на специјализирани меѓународни економски портали.

Продаден недвижен имот вреден 693 милиони евра во 2020 година

Вкупно 25.232 трансакции се евидентирани во базата на регистарот на цени и закупнини на недвижности во периодот јануари-декември 2020 година, од кои 18.755 се однесуваат на продажби на недвижности, а 6.477 на закупи на недвижен имот, покажуваат податоците од годишниот извештај за работењето на Агенцијата за катастар на недвижности.

Податоците на Катастарот откриваат дека во минатата година е продаден недвижен имот со вкупна вредност од 693 милиони евра. Најголемиот дел од трансакциите се однесуваат на директна купопродажба на недвижности со вкупна вредност од 502 милиони евра, а на лицитација се продадени недвижности во вредност од 89 милиони евра.

Во однос на претходната година, лани има намалување на бројот на регистрирани продажби и закупи на недвижности.

Вредноста на вкупниот број закупи на недвижности во 2020 година изнесува 2,4 милиони евра. Најголем дел од нив се закупи на деловен простор.

Голема родова нееднаквост во управните органи на компаниите од Македонската берза

Мажите доминираат во органите на управување на акционерските друштва што котираат на Македонската берза, покажува родовата анализа што ја објави берзата. Во вкупно 98 котирани компании се евидентирани вкупно 632 лица-членови на органи на управување.

Извор: принтскрин, Македонска берза

Од вкупниот број членови на органи на управување во котираните компании само 24,2 отсто се жени. Уште е помал бројот на жени на повисоките раководни места. Од вкупниот број извршни директори или претседатели на управни одбори на компаниите од берзата само 15,3 отсто се жени.

Извор: принтскрин, Македонска берза

Според дејноста, најголема родова нееднаквост се забележува во компаниите коишто се занимаваат со трговија на нафта и нафтени деривати. Имено, во управните органи на двете компании од оваа дејност коишто котираат на берзата, учеството на мажите е 94,4 отсто, а на жените само 5,6 отсто.

Извор: принтскрин, Македонска берза

ОТА лани посредувала во 853 следења на комуникациите

Во текот на минатата година Оперативно-техничката агенција (ОТА) за потребите на овластени органи во Република Северна Македонија посредувала во 475 нови активирања на мерката следење на комуникациите и 378 продолжувања на оваа мерка, покажува годишниот извештај на ОТА доставен на разгледување во Собранието.

Од вкупниот број нови мерки за прислушкување со техничко посредство на ОТА, 321 биле за потребите на Министерството за внатрешни работи, а 68 за потребите на Јавното обвинителство.

Продолжување на мерки за следење на комуникациите лани имало кај МВР во 104 случаи и кај Јавното обвинителство во 36 случаи.

Во текот на минатата година, ОТА спроведувала редовен и вонреден увид во работата на операторите поврзани со исполнување на техничките услови и применетите мерки и стандарди.

„Тековните проекти на ОТА за надградба на системот за следење на комуникациите и работите кои се одвиваа за нивна реализација овозможија систематско испитување и преглед на состојбите кај мрежните елементи кои се дел од процесите на следење на комуникациите кај операторите „Телеком“ и „А1“. Исто така, во 2020 година е направен скрининг на состојбите и кај телекомуникациските оператори „Телекабел“ и „Неотел“ од аспект на капацитетот за целосен одговор на законските обврски“, пишува во извештајот.

Пораст на бројот на претплатници на фиксна и мобилна телефонија во земјава

Пораст на бројот на претплатници на фиксни телефонски линии, на мобилната телефонија и на широкопојасен интернет имало во третиот квартал од 2020 година, откриваат новите податоци на Агенцијата за електронски комуникации.

Вкупниот број на фиксни линии во третиот квартал од минатата година изнесувал 408.618, што е зголемување за 1,21 отсто во споредба со вториот квартал од 2020 година. Споредено со третиот квартал од 2019 година, бројот е зголемен за 3,52 отсто.

Вкупниот број активни претплатници во мобилната телефонија во третиот квартал од минатата година изнесувал 1.833.689, што е зголемување за 3,18 отсто во однос на претходниот квартал. Сепак, во однос на истиот период од претходната година има намалување на бројот на претплатници за 10,78 отсто.

Во третиот квартал од 2020 година, бројот на претплатници на пристап до интернет со широк опсег изнесува 462.476 претплатници, односно може да се забележи раст од 0,93 отсто во однос на вториот квартал од 2020 година, додека споредено со третиот квартал од 2019 година, бројот на активни претплатници е зголемен за 4,08 отсто.

ДЗС: Земјава постепено низ годините го губи младото женско население

Во периодот од 2007 до 2019 година, учеството на женското младо население на возраст од 0 до 14 години во земјава е намалено од 18,2 отсто на 15,8 отсто, а учеството на женското старо население на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 12,5 отсто на 15,8 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Поголем број жени се забележуваат во старосната група од 65 години и повеќе. Податоците покажуваат дека жените живеат 3,9 години подолго од мажите односно во просек 78,3 години, а мажите 74,4 години.

Инаку, според вредноста на тоталната стапка на фертилитет (ТФР) во 2019 година, која изнесува 1,34 (живородени деца на една жена), жените во Македонија сè почесто се решаваат да раѓаат само по 1 или 2 деца.

„Според возраста на мајката, во 2019 година, најголемо учество, односно 33,9 отсто имаат живородените деца од мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29,2 години, а 27,5 години при првото раѓање. Во 2019 година се регистрирани 16 живородени деца од мајки на возраст под 15 години“, се вели во публикацијата на Државниот завод за статистика.

Во неа се додава дека како резултат на одложувањето на стапувањето во брак во повозрасните години, во 2019 година, просечната возраст при склучувањето прв брак е 26,9 години на невестата и 29,7 години на младоженецот.

„Промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умренитe лица во државата. Просечната возраст кај умрените од женски пол изнесува 76 години, односно 71,6 години кај лицата од машки пол“, пишува во публикацијата.

Невработеноста расте и покрај тоа што има слободни работни места

Бројот на невработени лица во јануари годинава изнесувал 158.681, што е зголемување за 2.249 лица во однос на претходниот месец кога бројот на невработени бил 156.432 лица, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.

Забележително е дека бројот на невработени расте и покрај тоа што според податоците на Државниот завод за статистика во земјава во последното тримесечје од минатата година се евидентирани 7.916 слободни работни места.

Во четвртото тримесечје од 2020 година, стапката на слободни работни места изнесува 1,57 отсто. Највисока стапка на слободни работни места од 4,13 отсто има секторот рударство и вадење на камен, додека најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој изнесува 0,06 отсто.

„Деловните субјекти со број на вработени од 50 до 249 имаат највисока стапка на слободни работни места која изнесува 1,89 отсто. Пелагонискиот регион има највисока стапка на слободни работни места која изнесува 2,37 отсто. Најголем број слободни работни места, односно 2.044, има во петтата група на занимања – работници во услужни дејности и продажба“, соопшти Државниот завод за статистика.  

Трендот на пораст на невработеноста во услови кога има толку многу слободни работни места е потврда дека постои неусогласеност меѓу побарувачката и понудата на пазарот на труд, за што се потребни засилени мерки за поттикнување на преквалификација на работниците кои се без работа во согласност со потребите на пазарот.

МОН подготвува нов закон за учебници и наставни материјали

Министерство за образование и наука подготвува нов закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование со кој се уредува одобрувањето и употребата на учебниците, наставните и другите дидактички материјали во основното и средното образование.

„Подобрувањето на квалитетот на учебниците согласно Стратегијата за образование 2018-2025 година е една од приоритетните задачи за да се обезбеди функционален образовен систем на европско ниво. Дел од активностите во Стратегијата произлегуваат од донесување на Национални стандарди што се основа за иновирање на наставните програми што неминовно ја наметнува потребата од изготвување нови наставни средства и дидактички материјали (учебници, прирачници за наставници, е-содржини, интерактивни материјали“, се вели во најавата за подготовка на новиот закон објавена на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Странските директни инвестиции лани достигнаа 239 милиони евра

Во текот на четвртиот квартал од 2020 година, вкупните странски директни инвестиции во земјата бележат нето-приливи од 95,3 милиони евра, како резултат на зголемените инвестиции во меѓукомпанискиот долг и сопственичкиот капитал (за 145,7 и 19,5 милиони евра, соодветно), при намалена реинвестирана добивка за 69,9 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

„Во 2020 година, вкупните директни инвестиции во земјата од 239,8 милиони евра се резултат на нето-приливите врз основа на меѓукомпаниски долг (128,4 милиони евра), вложувања во сопственички капитал (96,7 милиони евра) и реинвестирање на добивката (14,8 милиони евра)“, информираат од Народната банка.

На првото место на листата најголеми странски инвеститори во земјава во текот на минатата година е Велика Британија со вкупни директни инвестиции од 127 милиони евра. На второто место е Германија со инвестиции од 56 милиони евра, а на третото место е Турција со инвестиции од 49 милиони евра. Потоа следуваат САД (16  милиони евра) и Бугарија (12,2 милиони евра).

Од Народната банка објаснуваат дека податоците за трансакциите на директните инвестиции ги опфаќаат движењата помеѓу поврзаните субјекти врз основа на сопственички капитал, реинвестирање на добивката и должничките инструменти. Должничките инструменти ги опфаќаат средствата и обврските од поврзаните претпријатија во странство врз основа на заеми на меѓусебно поврзани субјекти, трговски кредити и аванси на меѓусебно поврзани субјекти и средства и обврски врз основа на останати должнички инструменти на меѓусебно поврзани субјекти.

ДЗР: Во Управата за водење на матични книги за една година згрешени 21.957 изводи

Управата за водење на матичните книги издала 21.957 изводи со погрешно внесени податоци во текот на 2019 година, што е 4 отсто од вкупниот број издадени изводи за таа година, откриле државните ревизори при контролата на работењето на оваа институција.

„Управата ја нема утврдено одговорноста за надоместување на трошокот во случај на настаната грешка при издавање на изводите, поради што за овие изводи во 2019 година не е уплатен приход на сметката на Управата во износ од 1.099.000 денари и приход за административна такса во Буџетот на РСМ во износ од 2.196.000 денари“, пишува во Ревизорскиот извештај на Управата за водење на матичните книги изготвен од Државниот завод за ревизија.

Ревизорите додаваат дека грешните изводи се чуваат во Управата, но дека не е утврден начинот за понатамошно постапување, дека не е извршен попис и дека нивната состојба не е констатирана во извештајот за извршен попис за 2019 година.

При контролата ревизорите констатирале и дека не се води евиденција на изводите по поединечен сериски број, поради што Управата не располага со податоци за вкупно набавени и издадени изводи, погрешни изводи и залиха на изводи по сериски број.

„Барањата за издавање изводи на родени, венчани и умрени не се заведуваат во деловодник со архивски број, туку се запишуваат во книги/списи на акти кои не претставуваат пропишан образец и се различни по содржината на податоците кои треба да се пополнат“, се вели во извештајот.

Од ДЗР укажуваат и дека барањата за изводи кои се поднесуваат на шалтерите на Управата не се уредно пополнети со сите податоци кои се бараат во образецот.

На ваквите наоди од Управата за водење на матичните книги немале забелешки. Ревизорите во извештајот препорачуваат да се спроведат мерки со коишто ќе се надминат овие слабости.

Јавни претпријатија и општини меѓу најголемите должници кон УЈП

Управата за јавни приходи ја објави новата листа на должници за долгови доспеани до 31.10.2020 и неплатени до 31.01.2021 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход и други давачки, а за кои вкупниот износ на долгот повисок од 120.000 денари за физичките лица и повисок од 300.000 денари за правните лица.

На листата објавени се 1.880 должници – правни лица и 2.818 физички лица.
Вкупно објавениот нето долг во листата изнесува 10,2 милијарди денари (167 милиони евра).

Забележително е дека меѓу најголемите должници се јавуваат јавни претпријатија и општини. Така, „Национални шуми“ должи 231 милиони денари, Јавното претрпијатие за комунални дејности „Комуналец“ – Гостивар должи 226 милиони денари, Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта должи 175 милиони денари, Јавното комунално претпријатие „Тетово“ должи 161 милиони денари, Општина Карпош должи 44 милиони денари, АД „Водостопанство“ должи 43 милиони денари, Јавното претпријатие „Биљанини извори“ – Охрид должи 32 милиони денари, а Општина Охрид должи 1,8 милиони денари. На врвот на листата е топланата АД ТЕ-ТО Скопје која на државата ѝ должи неисплатен данок во износ од 691,5 милиони денари.

Намалени депозитите и кредитите во јануари

Во јануари годинава, вкупните депозити бележат месечно намалување од 0,5 отсто, што целосно се објаснува со падот кај депозитите на корпоративниот сектор, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Вкупните кредити, во јануари 2021 година, се намалиле за 0,1 отсто, како резултат на намаленото кредитирање на корпоративниот сектор, додека кај кредитирањето на домаќинствата нема промена на месечна основа.

„Во јануари 2021 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор бележат месечен пад од 3 отсто. Притоа, падот во најголем дел произлегува од намалувањето на депозитните пари, при помал придонес и на краткорочните депозити, а во услови на умерен раст кај долгорочните депозити. Гледано на годишна основа, депозитите се повисоки за 12 отсто што главно се должи на растот на депозитните пари, краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, додека краткорочните и долгорочните депозити во денари бележат пад“, соопшти Народната банка.

Оттаму информираат дека во јануари, кај кредитите на корпоративниот сектор е забележан пад од 0,2 отсто, на месечна основа.

„Надолната промена пред сѐ е резултат на намалувањето на кредитите одобрени во странска валута, при помало влијание и на кредитите во денари. Во споредба со истиот период од претходната година, кредитите на корпоративниот сектор се повисоки за 1,6 отсто, што во целост е одраз на растот на кредитите во странска валута, во услови на мал пад кај кредитите во денари“, велат од Народната банка.

Вкупните депозити на домаќинствата, минатиот месец, се зголемиле за 0,2 отсто на месечно ниво.

„Нагорната промена во најголем дел произлегува од краткорочните депозити во странска валута, како и од растот на краткорочните депозити во денари, но во помал обем, во услови на пад кај депозитни пари. Анализирано на годишна основа, депозитите на домаќинствата се зголемени за 4,7 отсто, како резултат на повисоките депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, во услови на остварен пад кај останатите компоненти“, соопшти Народната банка.

Во јануари, вкупните кредити на домаќинствата се непроменети на месечна основа.

„На годишна основа овие кредити забележаа раст од 7,4 отсто, што се должи на зголемувањето на кредитите и во домашна и во странска валута, при поизразено зголемување на кредитите во денари“, информираат од Народната банка.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките кредити, е забележан мал месечен пад од 0,8 отсто, додека на годишна основа е остварен раст од 6,3 отсто.

„Станбените кредити бележат месечно и годишно зголемување од 0,4 отсто и 13 отсто, соодветно. Автомобилските кредити остварија месечен и годишен пад од 1,9 отсто и 10,5 отсто, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички се намалија за 2,7 и 8 отсто, на месечна и годишна основа, соодветно. Овој месец, кај негативните салда на тековните сметки е забележано месечно зголемување од 9,2 отсто, а на годишно ниво тие се намалени за 8,1 отсто. Кредитите одобрени врз други основи, во јануари, бележат месечен и годишен пад од 1,8 отсто и 6,9 отсто, соодветно“, се вели во извештајот на Народната банка.

Анализа: Со вистински мерки, ковид-19 може да биде шанса за македонската економија

Нарушувањата во надворешната трговија предизвикани од ковид-19 кризата го влошуваат инвестицискиот сентимент на извозно-ориентираните компании. Но, кризата отвора можности за извозниците и мултинационалните компании кои делуваат во Северна Македонија во однос на реориентација и адаптација на производните капацитети на „новото нормално“ окружување, на освојување нови пазари и релоцирање на капацитети од далечните пазари доколку присуството на тие пазари е неодржливо.

Ова е главниот заклучок од новата студија на „Фајненс тинк“ со наслов „Кои се потенцијалите на извозно-ориентираните компании и како Владата може да го стимулира искористувањето на потенцијалите по ковид-19?“.

Во неа се укажува дека креаторите на политиките треба да бидат свесни за потенцијалите на извозно-ориентираните компании со цел да дизајнираат таргетирана поддршка за нивно зголемено искористување. Од „Фајненс тинк“ ги идентификуваат потенцијалите на извозно-ориентираните компании во текот на ковид-19 кризата и предлагаат соодветни мерки за надминување на ограничувањата.

„Пандемијата предизвика сериозни нарушувања на синџирите на набавки кои би можеле да активираат ревизија во географското позиционирање на капацитетите на мултинационалните компании. Ги прашавме странските извозници дали во текот на ковид-19 имаат релокација или интеграција на производни капацитети и дали имаат можност да привлечат производни линии во РСМ. Најголем процент (83 отсто) од странските извозници ја задржуваат својата географска дистрибуција, додека остатокот има географско ре-позиционирање или интеграција на нивните капацитети. Од вторите, 94 отсто имаат можност да воведат производни линии во Северна Македонија. Додека само мал процент од мултинационалните компании ги преиспитуваат локациите на своите капацитети, скоро сите имаат можност да ги прошират своите капацитети привлекувајќи линии од матичните компании“, се вели во студијата.

Од „Фајненс тинк“ дефинираат мерки кои би помогнале извозниците брзо да се адаптираат на условите во пост-ковид-19 периодот и да учествуваат во забрзано закрепнување на економијата.

„Усогласување на царинските стапки согласно ЕУ на клучни компоненти и намалување или ослободување од увозни давачки за активности за набавка на машини и изградба на нови капацитети. Според податоците 77,6 отсто од мултинационалните компании преферираат корекции во увозните давачки за да мотивираат прилив на нови производни линии во РСМ. Дополнително, овој сет мерки во просек би предизвикал пораст во инвестициите (како процент од средствата) од околу 25 отсто на годишно ниво“, пишува во студијата.

Се предлага и финансиска поддршка и менторство за подигнување на технолошкото ниво на добавувачите.

„Во Законот за финансиска поддршка на инвестиции 2018 се предвидуваат субвенции за купувачот во износ од 1 отсто од вредноста на набавката доколку е направена од домашен добавувач. Сепак, поддршката треба да се насочи кон добавувачот и треба да вклучува комбинација на финансиска поддршка и програм на менторство за зголемување на капацитетот на добавувачот во поглед на стандардизација и сертификација на производите/услугите, етиката на соработка, технолошкото ниво и слично, со цел да се вклучи во синџирот на набавки на извозниците“, се вели во студијата.

Во неа, се укажува на потребата од субвенционирање експанзија кон нови пазари и економска дипломатија.

„Во Планот за економски раст 2018-2020 веќе е предвидена финансиска поддршка од 20 отсто за трошоците при освојување нови пазари но оваа мерка би можела да се врзе за аутпутот наместо инпутот за зголемување на ефективноста на мерката, која треба да биде надополнета со економска дипломатија“, велат од „Фајненс тинк“.

Се препорачува и стимулирање на креирањето човечки капитал преку субвенции за тренинг и едукација, и дуално образование.

„45,5 отсто од извозниците имаат капацитет да бидат вклучени во процесот на дуално образование, а дополнителни 14,5 отсто имаат капацитет но немаат соодветно стручно училиште со кое би се споиле“, пишува во студијата.

Се предлага и достапност од долгорочни кредити за инвестиции по поволни услови.

„Во просек, бескаматните долгорочни кредити би предизвикале пораст во технолошкото ниво од 18 отсто, но има разлика во однос на трудоинтензивноста. Извозиците со повисока трудоинтензивност преферираат бескаматни долгорочни кредити за да го зголемат своето технолошко ниво, додека капиталноинтензивните преферираат ослободување од ДДВ за набавка на машини и опрема“, велат од „Фајненс тинк“.

Со нов закон ќе се основа Академија за јавни финансии

Министерството за финансии подготвува предлог-закон за основање на Академија за јавни финансии, која што би функционирала како организациона единица во состав на Министерството, а би служела за спроведување обуки од областа на јавните финансии и обуки и испити во рамки на програмите за издавање лиценци за овластени службеници и професии од областа на јавните финансии.

„Цел на основање на Академијата е обезбедување континуирана едукација на јавната администрација од областа на управувањето со јавните финансии во насока на создавање на модерна и стручна администрација за обезбедување квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти“, се вели во известувањето за подготовката на нацрт-законот објавено преку Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Општините продолжуваат со праксата на неплаќање на обврските

Во септември 2020 година доспеаните, а неплатени обврски на македонските општини достигнуваат вредност од 63,8 милиони евра, укажуваат од Центарот за економски анализи во новата студија насловена „Јавните финансии на општините и ковид-19 во Северна Македонија“.

„Во текот на 2020 година (заклучно со трет квартал) се зголемиле за дополнителни 10,1 милиони евра што претставува поголема вредност од вредноста на вкупниот јавен долг на општините. Општините индикативно повторно продолжуваат со оваа пракса на неплаќање на обврските кои се значителен ризик врз финансиското работење на општините, но носи и други ризици. Ако дополнително ги додадеме и доспеаните, а обврски на единките кои се финансираат од општините и на јавните претпријатија на општините, овој долг достигнува вредност од 124 милиони евра“, се вели во анализата.

Во неа, се укажува дека финансиското влијание на ковид-19 не ги одминува и општинските финансии во РС Македонија, и тоа со најголемо влијание врз намалување на сопствените приходи.

Од ЦЕА имаат неколку препораки за надминување на финансиските проблеми во општините.

„Потребно е да се отвори прашањето за успешноста на децентрализацијата во РСМ и тоа преку анализа на сите столбови: доделување на надлежности, приходи, расходи, трансфери и задолжување. ЕЛС треба да ја подобрат комуникацијата со даночните обврзници и да работат кон унапредување на даночното однесување и морал како принцип за добра даночна администрација. Потребно е ЕЛС да го унапредат следењето на работата на јавните претпријатија. Кризата од ковид-19 ги откри и недостатоците во односите меѓу јавните претпријатија и локалните власти. Субвенциите и следењето на квалитетот, обемот и цената на услугите што ги обезбедуваат јавните претпријатија потребно е да станат приоритет за ЕЛС, и да ја искористат можноста за работа кон унапредување на ефикасноста на јавните претпријатија, рационализација на субвенциите и пресметка на трошокот за комуналните услуги и неговата покриеност со утврдената цена за тие услуги“, пишува во анализата.

Се укажува дека општините треба поефикасно да ги планираат и имплементираат системите за управување со кризи.

„Општините во незначителна мера ја користат буџетската резерва која е планирана за вонредни ситуации како што е епидемијата. И покрај буџетираните средства за тековна и постојана резерва, во првите девет месеци општините користат помалку од резервите од претходната година. Од планираните 1,6 милион евра искористени се само 24 отсто односно 0,38 милиони евра“, велат од ЦЕА.

Анализа на „Фајненс тинк“: Земјоделските работници – тивка жртва на пандемијата

Пандемијата со ковид-19 предизвика македонската економија да се намали во просек за 9,1 отсто во вториот и третиот квартал од 2020 година, но невработеноста благо се намали, како резултат на деактивирањето на работната сила во време на кризата и на владините мерки кои целеа да се зачуваат работните места. Во земјоделскиот сектор, движењата беа обратни – производството во секторот, во истиот период, порасна за 4,6 отсто, но беа изгубени близу 21 илјада работни места, се вели во новата анализа на „Фајненс тинк“ за последиците од пандемијата врз македонското земјоделство.

„Одработените часови се намалија за 28 отсто, а доходот од плати за 16 отсто. Оттука, земјоделските работници беа и најсилно погодени од ковид-19 кризата, и најмалку заштитени од владините мерки“, се вели во анализата.

Во неа се укажува дека во време на пандемијата со ковид-19, земјоделскиот сектор изгубил 20.776 работници. Според занимање, бројот на изгубени работни места е 11.661, со оглед дека во склоп на земјоделскиот сектор не сите занимања се непосредно земјоделски.

„Но, и во двете димензии, уделот на изгубени работни места е 19,3 отсто и 18,2 отсто, соодветно. За споредба, бројот на изгубени работни места во секторот преработувачка индустрија, во истиот период, е нешто над илјада, во градежништвото околу 2.5 илјади, во транспортот 2 илјади, додека во угостителството бројот е задржан, а во трговијата се забележува зголемување од 4.5 илјади работни места“, укажуваат од „Фајненс тинк“.

Во анализата се потенцира дека земјоделските работници се одликуваат со низа ранливости кои ги прават подложни на ударот на кризата и, оттука, со отежнат пристап до стандардните мерки кои владите ги употребија за зачувување на работните места во сите сектори.

„Скоро половина од земјоделските работници (48,3 отсто) се вработени за сопствена сметка, што во земјоделството подразбира самостојни земјоделци кои уплатуваат персонален данок и социјални придонеси во свое име и за своја сметка, со цел да се стекнат со правото на земјоделска пензија по исполнување на пропишаните услови. Дополнителна третина се неплатени семејни работници, додека само 16,2 отсто работат кај работодавач за плата“, пишува во анализата.

Од „Фајненс тинк“ велат дека мерките кои властите ги спроведуваа во време на ковид-19 за зачувување на работните места, првенствено мерката „14.500 денари по работник“, но и мерката за субвенционирање на најмногу 50 отсто од социјалните придонеси, не можеле да бидат искористени од страна на земјоделските работници.

„Тие мерки бараа корисниците да бидат формални работници, со писмен склучен договор за вработување, кој работи во фирма која искусила пад на прометот поголем од 30 отсто во однос на 2019. Клучната мерка ги опфаќаше самостојните вршители на дејност, но останува отворено прашањето за информираноста кај регистрираните земјоделци околу опцијата да аплицираат за мерката, особено имајќи предвид дека голем дел од нив не користат услуги на сметководствени бироа. Со оглед дека земјоделскиот сектор и работниците беа силно погодени од пандемијата со ковид-19, а притоа останаа најмалку заштитени од мерките на Владата, неопходно е итно внимание од страна на Владата и ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство“, се вели во анализата.

Се укажува дека е неопходно да се размисли во дизајнот на мерката „14.500 денари по работник“ да се внесат одредби кои ќе ја направат мерката пристапна за регистрираните земјоделци.

„Дури и да се задржи моменталниот дизајн, неопходно е мерката подиректно да ги таргетира регистрираните земјоделци, преку административните регистри на државата, за до нив да стигне оваа помош. По примерот на еднократните грантови за игротеки, салони за убавина, ресторани за свадби и ноќни клубови, неопходно е да се размисли за еднократни грантови за мали земјоделски стопанства кои ќе документираат пад на нивниот промет“, велат од „Фајненс тинк“.

Притисната од ЕУ, Владата презема сериозни обврски за заштита на животната средина

Владата на претпоследната седница во минатата година одржана на 29 декември,ја разгледала информацијата за одржаниот 16-ти состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергетика и регионална политика, во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија и дала низа задолженија кои би требало значително да ја подобрат заштитата на животната средина во државата.

Меѓудругите, Министерството за животна средина и просторно планирање
до Владата треба да достави предлог на закон за инспекција во животната средина, усогласен со законодавството на Европската Унија за инспекциски надзор за животна средина, најдоцна до 30 јуни 2021 година.

Исто така, Министерството за животна средина и просторно планирање во
предлогот на закон за животна средина треба да ја транспонира Директивата 2014/52/ЕУ во контекст на оцената за влијанието врз животната средина и да го достави до Владата, најдоцна до 30 декември 2021 година.

„Се задолжува Министерството за животна средина и просторно планирање –
Државниот инспекторат за животна средина, во соработка со локалните инспекции  за животна средина, да подготви и предложи до Владата, план за зајакнување на инспекцијата на локално и централно ниво со потребни финансиски ресурси во рок од шест месеци од донесувањето на Законот за инспекција во животната средина“, пишува во записникот на Владата.

Владата побарала од Министерството за животна средина и просторно планирање да започне со подготвителни активности за изработка на национален план за заштита на амбиенталниот воздух за 2022-2026 година и национална програма за контрола на загадувањето на воздухот за 2022-2032 година и за истото да ја извести Европската Комисија преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 1 март 2021 година.

Истовремено, Министерството за животна средина и просторно планирање добило обврска да обезбеди целосна операционализација на државната мониторинг мрежа за квалитет на воздухот, која ќе обезбедува податоци најдоцна во реално време и за истото да ја информира Европската комисија преку Секретаријатот за европски прашања најдоцна до 1 март 2021 година.

„Се задолжува Министерството за животна средина и просторно планирање да
потпише договор за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје најдоцна до 31 мај 2022 година. Се задолжува Министерството за животна средина и просторно планирање да подготви известување за функционирањето на постојните пречистителни станици за отпадни води и за причините поради кои системот не работи правилно, на англиски јазик и да го достави до Европската комисија преку Секретаријатот за европски прашања најдоцна до 15 јануари 2021 година“, пишува во записникот од владината седница.

Владата ќе се задолжи 21,5 милиони евра за унапредување на основното образование

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе го разгледува предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договор за заем за финансирање на проектот за унапредување на основното образование, по скратена постапка.

Предлог-законот, предложен од Владата предвидува вкупниот износ на заемот кој ќе го додели Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка да изнесува 21,5 милиони евра.

Рокот на отплата на заемот е 11 години, со вклучен грејс период од 3 години. Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон. Заемот ќе се отплаќа во 16 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 15 март и 15 септември секоја година.

Согласно прописите на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, Република Северна Македонија како заемопримач има обврска да ѝ плати еднократна провизија од 0,25 отсто од износот на заемот. Оваа провизија за проектот изнесува 53.750 евра и ќе биде платена еднократно од средствата на заемот.

Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка провизија во висина од 0,25 отсто од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво.

„Основната цел на проектот е подобрување на условите за учење во основното образование. Проектот ќе влијае на широка група на засегнати страни како што се наставници, ученици, родители, службени лица од локалната самоуправа, ранливи категории. Директните корисници на проектот ќе вклучуваат ученици од основно образование, но фокусот ќе биде ставен на ранливите категории на ученици. Овие категории на ученици се очекува да имаат корист од подобрените услови за учење во нивните училишта, како и од подобро обучените наставници. Наставниците за основно образование, директорите на училиштата и стручните соработници ќе имаат корист од поефикасен професионален и кариерен развој, наставните средства и грант програмата за имплементирање на нивните развојни програми“, пишува во предлог-законот.

Проектот се состои од четири компоненти. Со првата се предвидува подобрување на учењето на ниво на училиште за што ќе се одвојат 15,1 милиони евра. Со втората се предвидува реформа на следењето и оценувањето на националниот прогрес во учењето (1,8 милиони евра), а со третата зајакнување на компетенциите на наставниот кадар, стручните соработници и директорите на училиштата (2,9 милиони евра). За четвртата компонента – управување со секторот, раководење со проектот и мониторинг и евалуација ќе се потрошат 1,54 милиони евра.