Фото: Tom Pottiger on Unsplash

Во текот на минатата година Оперативно-техничката агенција (ОТА) за потребите на овластени органи во Република Северна Македонија посредувала во 475 нови активирања на мерката следење на комуникациите и 378 продолжувања на оваа мерка, покажува годишниот извештај на ОТА доставен на разгледување во Собранието.

Од вкупниот број нови мерки за прислушкување со техничко посредство на ОТА, 321 биле за потребите на Министерството за внатрешни работи, а 68 за потребите на Јавното обвинителство.

Продолжување на мерки за следење на комуникациите лани имало кај МВР во 104 случаи и кај Јавното обвинителство во 36 случаи.

Во текот на минатата година, ОТА спроведувала редовен и вонреден увид во работата на операторите поврзани со исполнување на техничките услови и применетите мерки и стандарди.

„Тековните проекти на ОТА за надградба на системот за следење на комуникациите и работите кои се одвиваа за нивна реализација овозможија систематско испитување и преглед на состојбите кај мрежните елементи кои се дел од процесите на следење на комуникациите кај операторите „Телеком“ и „А1“. Исто така, во 2020 година е направен скрининг на состојбите и кај телекомуникациските оператори „Телекабел“ и „Неотел“ од аспект на капацитетот за целосен одговор на законските обврски“, пишува во извештајот.