Фото: Арбнора Мемети

Управата за јавни приходи ја објави новата листа на должници за долгови доспеани до 31.10.2020 и неплатени до 31.01.2021 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход и други давачки, а за кои вкупниот износ на долгот повисок од 120.000 денари за физичките лица и повисок од 300.000 денари за правните лица.

На листата објавени се 1.880 должници – правни лица и 2.818 физички лица.
Вкупно објавениот нето долг во листата изнесува 10,2 милијарди денари (167 милиони евра).

Забележително е дека меѓу најголемите должници се јавуваат јавни претпријатија и општини. Така, „Национални шуми“ должи 231 милиони денари, Јавното претрпијатие за комунални дејности „Комуналец“ – Гостивар должи 226 милиони денари, Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта должи 175 милиони денари, Јавното комунално претпријатие „Тетово“ должи 161 милиони денари, Општина Карпош должи 44 милиони денари, АД „Водостопанство“ должи 43 милиони денари, Јавното претпријатие „Биљанини извори“ – Охрид должи 32 милиони денари, а Општина Охрид должи 1,8 милиони денари. На врвот на листата е топланата АД ТЕ-ТО Скопје која на државата ѝ должи неисплатен данок во износ од 691,5 милиони денари.