Фото: Архива на Мета.мк

Според најновите оцени за 2021 година, кај цената на нафтата се забележува поголема нагорна ревизија, при што тековно се очекува значително поголем ценовен раст во однос на октомври, соопшти Народната банка во извештајот за најновите макроекономски показатели.

Оттаму информираат дека нагорната ревизија е одраз на очекувањата на инвеститорите за дефицит на страната на понудата, како резултат на намаленото производство на нафта од страна на земјите од ОПЕК и очекувањата за раст на глобалната побарувачка на нафта, поттикнато од попозитивните изгледи за глобалната економија поради процесот на имунизација во сè поголем број земји.

„На 5.1.2021 година, освен одлуката на земјите од ОПЕК за продолжувањето на мерката за ограничувањето на производството на нафта, Саудиска Арабија донесе одлука за доброволно намалување на своето производство на нафта во февруари и март 2021 година за дополнителни 1 милион барели нафта на ден. Следствено, во првите три месеци од 2021 година, квотите за ограничување на производството ќе изнесуваат во просек 7,8 милиони барели на ден, наспроти претходните 7,1 милион барели на ден (во просек) за овие три месеци“, појаснуваат од Народната банка.

Од друга страна, за 2022 година е извршена надолна корекција, при што се проектира пад, наместо малиот раст предвиден во октомври.

За анализата на цените на нафтата, металите и примарните прехранбени производи се користат разни извештаи на ММФ, Светската банка, ФАО, ОПЕК, ЕЦБ и на специјализирани меѓународни економски портали.