fbpx

Анализа: Со вистински мерки, ковид-19 може да биде шанса за македонската економија

-

Нарушувањата во надворешната трговија предизвикани од ковид-19 кризата го влошуваат инвестицискиот сентимент на извозно-ориентираните компании. Но, кризата отвора можности за извозниците и мултинационалните компании кои делуваат во Северна Македонија во однос на реориентација и адаптација на производните капацитети на „новото нормално“ окружување, на освојување нови пазари и релоцирање на капацитети од далечните пазари доколку присуството на тие пазари е неодржливо.

Ова е главниот заклучок од новата студија на „Фајненс тинк“ со наслов „Кои се потенцијалите на извозно-ориентираните компании и како Владата може да го стимулира искористувањето на потенцијалите по ковид-19?“.

Во неа се укажува дека креаторите на политиките треба да бидат свесни за потенцијалите на извозно-ориентираните компании со цел да дизајнираат таргетирана поддршка за нивно зголемено искористување. Од „Фајненс тинк“ ги идентификуваат потенцијалите на извозно-ориентираните компании во текот на ковид-19 кризата и предлагаат соодветни мерки за надминување на ограничувањата.

„Пандемијата предизвика сериозни нарушувања на синџирите на набавки кои би можеле да активираат ревизија во географското позиционирање на капацитетите на мултинационалните компании. Ги прашавме странските извозници дали во текот на ковид-19 имаат релокација или интеграција на производни капацитети и дали имаат можност да привлечат производни линии во РСМ. Најголем процент (83 отсто) од странските извозници ја задржуваат својата географска дистрибуција, додека остатокот има географско ре-позиционирање или интеграција на нивните капацитети. Од вторите, 94 отсто имаат можност да воведат производни линии во Северна Македонија. Додека само мал процент од мултинационалните компании ги преиспитуваат локациите на своите капацитети, скоро сите имаат можност да ги прошират своите капацитети привлекувајќи линии од матичните компании“, се вели во студијата.

Од „Фајненс тинк“ дефинираат мерки кои би помогнале извозниците брзо да се адаптираат на условите во пост-ковид-19 периодот и да учествуваат во забрзано закрепнување на економијата.

„Усогласување на царинските стапки согласно ЕУ на клучни компоненти и намалување или ослободување од увозни давачки за активности за набавка на машини и изградба на нови капацитети. Според податоците 77,6 отсто од мултинационалните компании преферираат корекции во увозните давачки за да мотивираат прилив на нови производни линии во РСМ. Дополнително, овој сет мерки во просек би предизвикал пораст во инвестициите (како процент од средствата) од околу 25 отсто на годишно ниво“, пишува во студијата.

Се предлага и финансиска поддршка и менторство за подигнување на технолошкото ниво на добавувачите.

„Во Законот за финансиска поддршка на инвестиции 2018 се предвидуваат субвенции за купувачот во износ од 1 отсто од вредноста на набавката доколку е направена од домашен добавувач. Сепак, поддршката треба да се насочи кон добавувачот и треба да вклучува комбинација на финансиска поддршка и програм на менторство за зголемување на капацитетот на добавувачот во поглед на стандардизација и сертификација на производите/услугите, етиката на соработка, технолошкото ниво и слично, со цел да се вклучи во синџирот на набавки на извозниците“, се вели во студијата.

Во неа, се укажува на потребата од субвенционирање експанзија кон нови пазари и економска дипломатија.

„Во Планот за економски раст 2018-2020 веќе е предвидена финансиска поддршка од 20 отсто за трошоците при освојување нови пазари но оваа мерка би можела да се врзе за аутпутот наместо инпутот за зголемување на ефективноста на мерката, која треба да биде надополнета со економска дипломатија“, велат од „Фајненс тинк“.

Се препорачува и стимулирање на креирањето човечки капитал преку субвенции за тренинг и едукација, и дуално образование.

„45,5 отсто од извозниците имаат капацитет да бидат вклучени во процесот на дуално образование, а дополнителни 14,5 отсто имаат капацитет но немаат соодветно стручно училиште со кое би се споиле“, пишува во студијата.

Се предлага и достапност од долгорочни кредити за инвестиции по поволни услови.

„Во просек, бескаматните долгорочни кредити би предизвикале пораст во технолошкото ниво од 18 отсто, но има разлика во однос на трудоинтензивноста. Извозиците со повисока трудоинтензивност преферираат бескаматни долгорочни кредити за да го зголемат своето технолошко ниво, додека капиталноинтензивните преферираат ослободување од ДДВ за набавка на машини и опрема“, велат од „Фајненс тинк“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...