Фото: Арбнора Мемети

Бројот на невработени лица во јануари годинава изнесувал 158.681, што е зголемување за 2.249 лица во однос на претходниот месец кога бројот на невработени бил 156.432 лица, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.

Забележително е дека бројот на невработени расте и покрај тоа што според податоците на Државниот завод за статистика во земјава во последното тримесечје од минатата година се евидентирани 7.916 слободни работни места.

Во четвртото тримесечје од 2020 година, стапката на слободни работни места изнесува 1,57 отсто. Највисока стапка на слободни работни места од 4,13 отсто има секторот рударство и вадење на камен, додека најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој изнесува 0,06 отсто.

„Деловните субјекти со број на вработени од 50 до 249 имаат највисока стапка на слободни работни места која изнесува 1,89 отсто. Пелагонискиот регион има највисока стапка на слободни работни места која изнесува 2,37 отсто. Најголем број слободни работни места, односно 2.044, има во петтата група на занимања – работници во услужни дејности и продажба“, соопшти Државниот завод за статистика.  

Трендот на пораст на невработеноста во услови кога има толку многу слободни работни места е потврда дека постои неусогласеност меѓу побарувачката и понудата на пазарот на труд, за што се потребни засилени мерки за поттикнување на преквалификација на работниците кои се без работа во согласност со потребите на пазарот.