фото: Архива на Мета

Во септември 2020 година доспеаните, а неплатени обврски на македонските општини достигнуваат вредност од 63,8 милиони евра, укажуваат од Центарот за економски анализи во новата студија насловена „Јавните финансии на општините и ковид-19 во Северна Македонија“.

„Во текот на 2020 година (заклучно со трет квартал) се зголемиле за дополнителни 10,1 милиони евра што претставува поголема вредност од вредноста на вкупниот јавен долг на општините. Општините индикативно повторно продолжуваат со оваа пракса на неплаќање на обврските кои се значителен ризик врз финансиското работење на општините, но носи и други ризици. Ако дополнително ги додадеме и доспеаните, а обврски на единките кои се финансираат од општините и на јавните претпријатија на општините, овој долг достигнува вредност од 124 милиони евра“, се вели во анализата.

Во неа, се укажува дека финансиското влијание на ковид-19 не ги одминува и општинските финансии во РС Македонија, и тоа со најголемо влијание врз намалување на сопствените приходи.

Од ЦЕА имаат неколку препораки за надминување на финансиските проблеми во општините.

„Потребно е да се отвори прашањето за успешноста на децентрализацијата во РСМ и тоа преку анализа на сите столбови: доделување на надлежности, приходи, расходи, трансфери и задолжување. ЕЛС треба да ја подобрат комуникацијата со даночните обврзници и да работат кон унапредување на даночното однесување и морал како принцип за добра даночна администрација. Потребно е ЕЛС да го унапредат следењето на работата на јавните претпријатија. Кризата од ковид-19 ги откри и недостатоците во односите меѓу јавните претпријатија и локалните власти. Субвенциите и следењето на квалитетот, обемот и цената на услугите што ги обезбедуваат јавните претпријатија потребно е да станат приоритет за ЕЛС, и да ја искористат можноста за работа кон унапредување на ефикасноста на јавните претпријатија, рационализација на субвенциите и пресметка на трошокот за комуналните услуги и неговата покриеност со утврдената цена за тие услуги“, пишува во анализата.

Се укажува дека општините треба поефикасно да ги планираат и имплементираат системите за управување со кризи.

„Општините во незначителна мера ја користат буџетската резерва која е планирана за вонредни ситуации како што е епидемијата. И покрај буџетираните средства за тековна и постојана резерва, во првите девет месеци општините користат помалку од резервите од претходната година. Од планираните 1,6 милион евра искористени се само 24 отсто односно 0,38 милиони евра“, велат од ЦЕА.