Фото: Мета.мк

Во текот на четвртиот квартал од 2020 година, вкупните странски директни инвестиции во земјата бележат нето-приливи од 95,3 милиони евра, како резултат на зголемените инвестиции во меѓукомпанискиот долг и сопственичкиот капитал (за 145,7 и 19,5 милиони евра, соодветно), при намалена реинвестирана добивка за 69,9 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

„Во 2020 година, вкупните директни инвестиции во земјата од 239,8 милиони евра се резултат на нето-приливите врз основа на меѓукомпаниски долг (128,4 милиони евра), вложувања во сопственички капитал (96,7 милиони евра) и реинвестирање на добивката (14,8 милиони евра)“, информираат од Народната банка.

На првото место на листата најголеми странски инвеститори во земјава во текот на минатата година е Велика Британија со вкупни директни инвестиции од 127 милиони евра. На второто место е Германија со инвестиции од 56 милиони евра, а на третото место е Турција со инвестиции од 49 милиони евра. Потоа следуваат САД (16  милиони евра) и Бугарија (12,2 милиони евра).

Од Народната банка објаснуваат дека податоците за трансакциите на директните инвестиции ги опфаќаат движењата помеѓу поврзаните субјекти врз основа на сопственички капитал, реинвестирање на добивката и должничките инструменти. Должничките инструменти ги опфаќаат средствата и обврските од поврзаните претпријатија во странство врз основа на заеми на меѓусебно поврзани субјекти, трговски кредити и аванси на меѓусебно поврзани субјекти и средства и обврски врз основа на останати должнички инструменти на меѓусебно поврзани субјекти.