Несериозно е да се помисли да има нови избори во 2018 година, затоа што Македонија ја чекаат процеси за евроатлантската интеграција и реформи кои треба да се спроведат, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Тој изрази надеж дека на седницата на 9 јануари, која ќе биде прва во следната година, ќе присуствуваат и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и потенцираше дека политичката криза завршила пред шест месеци. Според Џафери излегувањето на Алијансата за Албанците од Владата не го разнишува парламентарното мнозинство и од тоа не зависи кворумот во Собранието.
-Убеден сум дека ќе има мнозинство и во 2018 година, дека во Собранието ќе учествуваат сите политички партии, што ќе води кон позитивен извештај од Европската комисија во април и датум за почнување на претпристапните преговори – рече Џафери.
Според собранискиот спикер, постигнувањето кворумот во Собранието е должност на координаторите на пратеничките групи, но и дека тоа зависи од индивидуалното однесување на пратениците. Тој потенцираше дека пратениците треба да бидат повнимателни и да ги разберат сериозните моменти.
Џафери информираше дека ратификацијата на Договорот со Бугарија во Собранието не треба да се очекува пред 15 јануари следната година, а предлог-законот за употребата на јазиците ќе се најде на собраниска седница на 9 јануари. Прашан што ќе се случи доколку претседателот Ѓорге Иванов не го потпише законот за јазиците, Џафери рече дека тогаш предлог-законот повторно ќе се врати на пленарна седница во Собранието според законите и Уставот, а потоа законот може да се донесе и без да го потпис од претседателот Иванов.
На истата седница со законот за јазиците ќе се најде и точката за избор на двајцата уставни судии, кои се на предлог на претседателот Иванов, по што ќе почне постапката за предложување и именување.
Џафери информираше дека процесот „Жан Моне“ ќе започне на 25 и 26 јануари, следната година, а во однос на спорот за името повтори дека тој формално-правно може да се реши и без референдум.
– Спорот за името може да се реши во Собранието, затоа што таму има претставници на сите политички партии за кои гласале граѓаните. Сепак, тоа е политичка одлука за која е потребен политички консензус – додаде Џафери.