Агенција за лекови: Набавените инсулини се безбедни

Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) соопшти оти направените анализи покажале дека новата пратка инсулини пристигната на крајот на минатиот месец е безбедна. Како потврда за тоа наведува дека биле направени и лабораториски анализи и дополнителни проверки на нивното потекло.

Според МАЛМЕД, во првата анализа биле испитани сите пакувања, а откако било утврдено дека производствената локација наведена на пакувањето не е пријавена во Република Македонија, било побарано од дистрибутерот да ја дополни документацијата, а потоа против него била поведена прекршочна постапка.

Потоа, поради пропустот се направени обемни лабораториски испитувања на квалитетот на инсулините во акредитирана лабораторија. Исто така, била контактирана и турската агенција за лекови, па откако сите проверки, како што вели МАЛМЕД, дале потврда за безбедност и квалитет, денеска е донесено решение серијата инсулини да се пушти во промет.