fbpx

Не е точно дека не постојат аутистични деца кои не се вакцинирани

Не постојат докази кои го поврзуваат појавувањето на аутизам кај децата и вакцините. Бројни студии се направени за споредба на процентот на деца со аутизам помеѓу тие кои се вакцинирани и невакцинираните деца, а резултатите покажуваат дека нема разлики во процентот

-

Не постојат докази кои го поврзуваат појавувањето на аутизам кај децата и вакцините. Бројни студии се направени за споредба на процентот на деца со аутизам помеѓу тие кои се вакцинирани и невакцинираните деца, а резултатите покажуваат дека нема разлики во процентот. Едно истражување спроведено во САД покажува дека децата со аутизам и нивните браќа и сестри примиле помалку вакцини во споредба со остатокот од земјата или воопшто не биле вакцинирани, што ги негира тврдењата дека не постојат аутистични деца кои се невакцинирани, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Во објава на Фејсбук е споделено видео во кое се тврди дека нема аутистично дете кое е невакцинирано. Во споделеното видео, се гледа сведоштво на Стив Кирш кој кажува дека, кај Амишите, каде што процентот на вакцинација е мал, не се забележани случаи на аутизам, односно нивниот број е многу, многу мал. Тој, исто така, додава дека во заедницата на Амишите нема ниту деца со АДХД или автоимуни болести.

Ваквите тврдења, кои се повторуваат со години, се лажни и не се базирани на докази. Постојаното споделување на ваквите теории на заговор, споделувани од лица кои се против вакцини, користат неиздржани аргументи и се повикуваат на побиени студии. Истражувањата, наспроти тврдењата на лицата кои се против вакцините, покажуваат дека вакцините не предизвикуваат аутизам и дека бројот на деца со аутизам кај невакцинираните и вакцинираните деца не се разликува.

Авторката на објавата на Фејсбук, покрај тврдењето дека не може да се најде аутистично дете, кое е невакцинирано, исто така, пишува дека Трамп најавил формирање на претседателска комисија која ќе ги бара причините за детските автоимуни болести и аутизмот:

Не можеме да најдеме аутистично дете кое е невакцинирано.

Во исто време Трамп најави дека ќе формира претседателска комисија која ќе ги бара причините за детските автоимуни болести и аутизмот.

Бројни студии се направени за споредба на процентот на деца со аутизам помеѓу тие кои се вакцинирани и невакцинираните деца, а резултатите покажуваат дека нема разлики во процентот. Во Јапонија, ММР вакцината започнала помалку да се администрира помеѓу 1988 и 1992 година, а од 1993 година целосно била укината. И покрај тоа, истражувањата покажуваат дека бројот на деца кои развиле аутизам значително се зголемил помеѓу децата родени од 1988 до 1996 година, а најзабележително е дека бројките се зголемиле со генерацијата родени во 1993 година.

Друго истражување, спроведено во САД открива дека децата со аутизам и нивните браќа и сестри примиле помалку вакцини во споредба со остатокот од земјата или воопшто не биле вакцинирани.

Побиени се и тврдењата од видеото во кое се тврди дека поради тоа што Амишите не ги вакцинираат децата, тие се поздрави. Истражувањата покажуваат дека е погрешно тврдењето дека Амишите не ги вакцинираат децата поради религиски причини и дека од 1.000 случајно избрани Амиши од Охајо, само 14 отсто не ги вакцинирале своите деца, но како причина за тоа 86 отсто од нив навеле дека е грижата од несакани ефекти, а не религиски причини.

Други истражувања покажале дека кај Амишите има помалку регистрирани случаи на аутизам, отколку кај остатокот од САД, но истражувачите велат дека не може да се каже дали вистинските бројки на аутизам кај Амишите се помали или се работи само за ограничувања во истражувањето. Помалиот број на Амиши со болести кои се поприсутни кај остатокот од САД, сепак се припишува на нивниот начин на живот, диетата, помалиот процент на пушачи и поголемата физичка активност.

Од изнесените податоци и цитирани спроведени истражувања станува јасно дека изнесеното тврдење во објавата на Фејсбук е невистинито. Не само што не постојат докази дека нема аутистични деца кои се невакцинирани, туку податоците покажуваат дека повеќето од децата со аутизам и нивните браќа и сестри имаат примено помалку вакцини од просекот или воопшто не се вакцинирани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...