Докторите кои апелираат за вакцинација не се „убијци во бели мантили“

Компликации од пертусис може да се појават кај сите старосни групи на пациенти. Најтешки и понекогаш смртоносни компликации се јавуваат кај бебињата на возраст до 1 година, 7 од 10 смртни случаи од пертусис се јавуваат кај деца на возраст до 3 месеци

-

Објавата шири теорија на заговор, ги жигосува докторите кои апелираат да се спроведе задолжителната имунизација, нарекувајќи ги „убијци во бели мантили“, „платеници на фармакомафијата“ и со заканувачки тон тврди дека „ќе им се суди за геноцид“. Наспроти ваквите напади врз докторите, вакцинацијата на децата е задолжителна и за неа е изготвен Календар за имунизација, кој се спроведува согласно возраста на децата. Здравствените власти се обврзани да го спроведуваат Календарот за имунизација со цел заштита на личното и колективното здравје на децата, а во таа насока е и вакцината против голема кашлица, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат фотографии од медицински професионалци, лекари, дел од нив имунолози и вирусолози кои едукативно делуваат врз јавноста последните години. Во склоп на објавата пишува:

Не му веруваат родителите, овој е трчилаж професионалец.

Масовен убиец во бел мантил.

Платеник на фармакомафијата.

Наскоро на сите ќе им се суди за геноцид.

Со оваа објава, се шири теорија на заговор и јавно се линчуваат докторите кои јавно апелираат да се спроведува задолжителната имунизација, или пак, со членувањето во медицински советодавни тела со своите одлуки влијаат за мерките за вакцинација. Овие доктори се  жигосуваат дека се „убијци во бели мантили“, „платеници на фармакомафијата“ и дека „ќе им се суди за геноцид“.

Во објавата се сатанизира и клевети професор доктор Драган Даниловски, кој изјави дека за да се создадат антитела после примена ДиТеПер вакцина потребни се две недели, па затоа децата кои се вакцинирани треба да одат во градинка после 2 недели од примената доза.

Не можете вие наредниот ден да го пуштите во градинка и да се дружи. Зошто е потребно време околу 2 недели да дојде до формирање на антитела. Под тој период ако детето биде изложено во колектив, практично исто како да не примило вакцина, изјави епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски за „Сител“.

Меѓутоа, овој негов став е личен, од позиција на експерт во областа на епидемиологијата и не е преточен во одлука на Комисијата за заштита на населението од заразни болести, ниту, пак, е ефектуиран преку наредба или укажување за постапување кое го дава министерот за здравство. Станува збор за лично согледување од медицински експерт.

Но, во објавата што ја рецензираме воопшто не се напаѓа овој професионален став на професор доктор Даниловски, туку самата идеја за вакцинација и таа се изедначува со сатанизам, слугување на фармакомафијата.

Во објавата се споделуваат фотографии и од професор доктор Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заштита на населението од заразни болести, како и доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести. Тие на фотографијата се наклеветени дека се „сериски убијци“, а на една од фотографиите е и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

Вакцинацијата на децата во С. Македонија е задолжителна и за неа е изготвен Календар за имунизација којшто се спроведува согласно возраста на децата. Здравствените власти се обврзуваат да го спроведуваат Календарот за имунизација со цел заштита на личното и колективното здравје на децата. Во таа насока е и вакцината против голема кашлица.

Детската имунизација  е задолжителна во 12 земји од ЕУ.

Станува збор за проверени вакцини, со чија помош се спречуваат милиони смртни случаи од заразни заболувања и се спречува повторна појава на искоренети епидемии кои во минатите векови „коселе“.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година. Според Светската здравствена организација, големата кашлица се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група.

Согласно календарот за имунизација и годишната програма за имунизација, задолжителна имунизација се спроведува против следните болести: вирусна жолтица Б (Hepatitis B) туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), дифтерија (Diphteria), тетанус (tetanus), голема кашлица (Pertusis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заушки (Parotitis) и црвенка (Rubeolа) и заболувања предизвикани од хуман папилома вируси (ХПВ). Имунизацијата е бесплатна за сите лица од 0-18 години без разлика на здравственото осигурување.

Вакцините кои се регистрирани за употреба во нашата земја, се истите кои се користат во сите европски земји.

На пример, вакцината што се дава кај децата на 2,4,6, 18 месеци и 7 години против пертусис, е од производителот Санофи Пастер од Франција. Регистрирана е во МАЛМЕД.

Со оглед на погоренаведеното, не може да се каже дека таа убива или дека задолжителната вакцинација е „геноцид“ туку е спасување на животи. Особено ако се земе предвид дека големата кашлица или пертусис е акутна заразна болест предизвикана од бактеријата „Бордетела пертусис“ која може да предизвика сериозен облик на болест кај сите возрасни групи, но најопасна е за новороденчињата и бебињата во првите два месеца после раѓањето до моментот на примање на првата доза на вакцина против пертусис. Главната карактеристика на болеста е кашлица во напади која може да трае со недели. Покрај кашлицата бактеријата може да предизвика компликации на респираторниот и нервниот систем кои може да остават трајни последици на мозочната функција и невролошкиот развој кај децата.

Компликации од пертусис може да се појават кај сите старосни групи на пациенти. Најтешки и понекогаш смртоносни компликации се јавуваат кај бебињата на возраст до 1 година, 7 од 10 смртни случаи од пертусис се јавуваат кај деца на возраст до 3 месеци. Најчесто се јавува кај бебиња и мали деца кои не се вакцинирани воопшто или имаат некомплетна вакцинација со една, или две дози на вакцина од потребните три дози кои се примаат во првата година од животот. Кај доенчињата мозочните компликации може да предизвикаат трајни физички и психички пореметувања во развојот на децата.

Според Светската здравствена организација, пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група. Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето, пишува Дојче веле.

Најдобрата превенција против пертусис е вакцинација против ова високо заразно заболување.

Вакцините против пертусис се ефективни, но не се совршени. Вакцинираните индивидуи може да се заразат и да добијат клиничка слика на болеста, но истата поминува лесно, за неколку дена и ретко се појавуваат напади на кашлица.

Според лекарите, освен вакцина, нема друго чаре за заштита од голема кашлица.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека лекарите што препорачуваат вакцинација на децата согласно задолжителниот календар за имунизација се „убијци во бели мантили“ и дека „ќе им се суди за геноцид“.

 

Посебен сообраќаен режим денеска во центарот на Скопје

Поради официјална посета на претседателот на Владата на Република Србија Милош Вучевиќ, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денес ќе преземе мерки за посебен режим на...