Еден милион услужени патници за 9 месеци е успех на сите учесници во авиосообраќајот, посочи денеска Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски. Од концесионирањето во 2010 година бројот на патници е зголемен за 66 проценти.
Министерот Јанакиески најави дека наскоро ќе биде објавен повик за нова нискобуџетна авиокомпанија со летови до Шпанија и до Норвешка, а исто така наскоро може да очекуваме директна линија од Охрид до европска метропола.
– Веќе се подготвува целокупната документација за објава на нов повик за изнаоѓање на нискобуџетна авиокомпанија каде што ќе побараме четири нови линии да се воспостават од Скопје кон Шпанија и кон Норвешка, но и други еврпски центри. Но, уште позначајно е тоа што ќе бараме да се воспостави директна линија од Охрид кон европска метропола, бидејќи сакаме и од Охрид да има редовни линии – нагласи министерот Јанакиески.
Тој денеска ја прими Јана Ивановска, која во вторникот пристигна како милионити патник на аеродромот „Александар Велики“. Доби ваучер од 200 евра и викенд-патување во Истанбул, награда од менаџментот на ТАВ и од Владата.