Меѓународната унија на нотарите со седиште во Рим е против предлогот за измена на Законот за нотаријат и официјално со писмо реагира до премиерот Никола Груевски и до министерот за правда, Аднан Јашари. Во реакцијата е наведено дека од унијата се загрижени за најавените измени во нотаријатот и поставаат неколку дилеми, објави „Телма“.

Тие се интересираат како ќе се регулира поделбата на задачите, кој ќе ги контролира надлежностите, кој ќе даде гаранција за составените документи и кој ќе одговара во случај за злоупотреба.

Додека трае подготовката на измените на Законот, нотарите и адвокатите се поделија околу предлогот да се воведе законска обврска за ангажирање правен застапник при склучување договор пред нотар. Нотарите велат дека и сега адвокатите се чести гости во нивните канцеларии и дека немаат ништо против нив, но сепак од принципилени причини не сакаат да го прифатат новото законско решение.

Проблемот за нотарите е во задолжителноста и тие застануваат на ставот дека оваа измена не смее да се внесе во нашиот правен состем, особено не во нотаријатот. Некои сметаат дека ова е упад во нотаријатот, но адвокатите тврдат дека нотарите нема од што да се плашат.