До утринава во 8.30 часот на скопските клиники бил примени 22 повредени лица во синоќешното големо невреме во Скопје и околината, информираат од Министерството за внатрешни работи. Во временската непогода, според досегашните информации животите ги загубиле 15 лица, а шест се пријавени за исчезнати.

Како што информираат од МВР, од невремето, особено во Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново, биле пријавени големи штети, односно струшени и поплавени куќи и возила.

„Пријавени се настани со големи штети – срушени и поплавени куќи и возила , а пријавени се починати – удавени и исчезнати лица. За таа цел од МВР беа ангажирани Специјалните единици при МВР (ЕБР, ЕСЗ, ПЕП и Единицата за Јавен ред и мир) како и дополнителни служби, односно крим-техника од Штип, Велес и Тетово, додека пак од останатите служби, ангажирани се Бригадата за противпожарна заштита, Јавното претпријатие ‘Водовод’, Дирекција за заштита и спасување, Итната медицинска помош и Пајак службата“, велат од МВР.

Поради настанатите свлечишта кај клучката во близина на Стајковци кон клучката Радишани, полициските екипи кои излегле на терен да интервенираат, затекнале околу 70 заглавени возила.

Свлечиште било пријавено и на обиколницата на потегот Ѓорче Петров кон Стенковец.

Советот на Град Скопје за денеска во 14 часот закажа вонредна седница по синоќешното големо невреме кое го погоди Скопје и околината, информираат од Градот.

На седницата единствена точка на дневен ред ќе биде информацијата за последиците од вчерашното невреме и мерките и активностите за санирање на штетите.