fbpx

Над 20.000 руски војници загинати во Украина од декември лани

Најголемиот дел од руските загуби во изминативе месеци се во битката за заземање на градот Бахмут во Донецкиот регион

-

Повеќе од 20.000 руски војници загинале во Украина од крајот на декември 2022 година до денес, покажуваат проценките на САД, пренесува Би-би-си. Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби изјави дека дополнителни 80.000 руски војници биле повредени, цитирајќи ја неодамна декласифицираната разузнавачка информација.

„Рускиот обид за офанзива во Донбас, главно преку Бахмут, не успеа… Русија не беше во можност да заземе некоја навистина стратешки значајна територија“, изјави портпаролот Џон Кирби.

Најновите руски загуби претставуваат забрзување на руските жртви, дури и во споредба со првите крвави денови од руската агресија врз Украина. Бројките на жртви ги засенуваат некои од најкрвавите сојузнички битки од Втората светска војна, додаде Кирби. Тоа ја вклучува кампањата во Гвадалканал, првата голема офанзива на сојузничките сили против Јапонија во Втората светска војна, која исто така траеше пет месеци.

Најголемиот дел од руските загуби во изминативе месеци се во битката за заземање на градот Бахмут во Донецкиот регион. Овој град кој во минатото имаше 70.000 жители, веќе со месеци наназад е локација на најкрвавата битка од воената агресија која Русија ја започна во февруари минатата година. Руските власти засега не ги коментираат проценките на американските разузнавачи за бројот на загинати и повредени војници.

Инаку, во Бахмут и понатаму се водат борби, при што украинските сили контролираат помал дел од градот, односно неговите западни делови. Целосното заземање на овој град ќе ја доближи Русија малку поблиску до нејзината цел да го контролира целиот Донецки регион, иако самиот Бахмут има мала стратешка вредност.

Би-би-си пишува дека централно место во рускиот напад врз Бахмут има платеничката група Вагнер на Евгениј Пригожин, која е позната по тоа што нашироко користи осуденици и по своите често нехумани методи.

Пригожин ја загрози својата репутација и угледот на неговата приватна армија за да го заземе градот. Но, тој неодамна се закани дека ќе ги повлече своите војници од Бахмут.

Во ретко интервју за истакнат руски воен блогер, Пригожин вети дека ќе ги повлече борците на Вагнер доколку руското Министерство за одбрана не ја обезбеди потребната муниција.

Борците на Вагнер би можеле да бидат прераспоредени во Мали, предупреди Пригожин.

Тој често е во вербален судир со руското Министерство за одбрана за време на војната, обвинувајќи ги официјалните лица дека не им пружале доволно поддршка на неговите борци.

Пригожин, исто така, ги повика руските медиуми и военото раководство да „престанат да го лажат руското население“ пред очекуваната украинска пролетна контраофанзива.

„Треба да престанеме да го лажеме руското население, велејќи им дека сè е во ред“, рече тој.

Пригожин воедно ги пофали „добрите, коректни воени операции“ и командата на украинската војска.

Високиот украински генерал денеска изјави дека со нивните контранапади биле исфрлени руските сили од некои позиции во Бахмут, но ситуацијата и понатаму е „тешка“.

Новите руски единици, вклучително и падобранци и борци од Вагнер, „постојано се фрлаат во битка“ и покрај големите загуби, напиша на Телеграм генералот Олександр Сирскиј, командант на копнените сили на Украина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...