МЗ: 75 отсто од новите случаи и 79 отсто од хоспитализираните со ковид-19 се невакцинирани

Фото: Мета.мк

Министерството за здравство информира дека во периодот од 6 август до 14 октомври на територијата на земјава, од сите тестирани за ковид-19, вкупно 40.208 граѓани биле позитивни, при што 25 отсто од нив биле целосно вакцинирани, односно 10.066 лица.

Според статистиката за изминативе два месеци, 30.142 граѓани, односно 74,9 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Воедно, процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните лица е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до 14 октомври на територијата на земјава починале 1.382 пациенти со ковид-19, од кои 1.149 пациенти од починатите, односно 83 отсто не биле вакцинирани. Само 17 отсто од починатите, односно 233 лица, примиле вакцина против ковид-19.

Според анализите, починатите лица кои биле вакцинирани, имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, велат од Министерството за здравство.

Тие укажуваат на важноста на вакцинација, порачувајќи им на граѓаните дека секоја вакцина која ја имаме на располагање во земјава е безбедна.

„Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“, велат од Министерството за здравство.