Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) реагира по повод најавениот штрајк на здружението „Медиум објектив“ во кој членуваат регионалните и локалните телевизиски станици и додава дека не е направена селекција и дискриминација во обезбедувањето на помош на медиумите погодени од кризата предизвикана од Ковид-19.
„АВМУ ги ослободи сите радиодифузери од давачките за дозвола за емитување кон Агенцијата за 2020 година. Владата обезбеди средства од Фондот за борба против последиците од кризата со корона вирусот, со кои се покрија трошоците за емитување на дигитален сигнал, односно трошоците за мултиплекс, за сите радиодифузери (национални, регионални и локални). Владата подготвува уредба со која радио станиците би се ослободиле од обврската за плаќање на годишниот надоместок за користење на фреквенции кон Агенцијата зе електронски комуникации,“ се вели во реакцијата на МИОА.
Во неа се додава дека со овие уредби, всушност се покриваат сите трошоци кои сите радиодифузери ги имаат кон соодветните регулатори, во зависност од видот на лиценцата која што ја поседуваат.
„Никој не е изоставен и нема никаква дискриминација. Допонително, сите медиуми подеднакво добија и поддршка во висина од 14.500 денари месечно за секој вработен,“ додаваат од МИОА.
Од таму потенцираат дека се отворени за разгледување и на дополнителни предлози за помош на медиуите, но до сега како што велат, не добиле конкретен предлог.
„На 1 јуни, здружението „Медиум објектив“ испрати допис без потписник и контакт, па како одговор јавно ги повикуваме на средба и разговор и доколку постои конкретен предлог стоиме на располагање да го разгледаме. Наместо веднаш да посегнуваат кон штрајк, сметаме дека на заеднички состанок можеме да разговараме за сите предлози. Сепак, ова е демократско општество и демократска земја и секој има право на свој начин да ги изразува своето мислење, така што неспорно е правото на членките на „Медиум објектив“ на ваков начин да го изразат својот став,“ се вели во реакцијата на МИОА.
Регионалните и локалните телевизиски станици кои емитуваат програма преку оператори на електронска комуникациска мрежа, а се членки на здружението „Медиум објектив“ најавија штрајк бидејќи со одлуката донесена на владината седница на 30 мај им се доделува финансиска помош само на пет национални и шест регионални терестријални телевизии.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) исто така реагираа по повод уредбата на Владата за помош на медиумите, сметајќи дека истата е селективна и не ги опфаќа сите медиуми.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.