fbpx

Мета факт: ТЕЦ „Неготино“ не проработе на природен гас, од Владата прстот го вперуваат во енергетската криза

Владиното ветување од Програмата за работа за периодот 2022-2024 година за трансформација и прилагодување на ТЕЦ „Неготино“ на работа на природен гас до денешен ден не е исполнето

-

Владиното ветување за трансформација и прилагодување на термоелектрана „Неготино“ за производство на електрична енергија од природен гас не е исполнето до денешен ден. Овој енергетски капацитет и понатаму го користи нееколошкиот мазут за да произведува струја, за што реагираа и екологистите од CEE Bankwatch Network. Од Владата признаваат дека роковите се пробиени, но додаваат дека виновник за тоа е енергетската криза.

Владата во својата Програма за работа за периодот 2022-2024 година, страница 14, има ветено дека АД ТЕЦ „Неготино“ ќе биде дел од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и во најкус рок ќе биде трансформиран и прилагоден да работи на природен гас.

За инвестицијата со која ТЕЦ „Неготино“ би се трансформирала во производството од мазут на природен гас, Мета.мк испрати прашања по до Владата на РСМ, од каде што добивме објаснување дека тие не отстапуваат од ветеното во Програмата за работа на Владата за периодот 2022-2024 година, но и дека енергетската криза која ја зафати земјава и европскиот континент ги поместила плановите за овој проект.

„Во услови на најголемата светска енергетска криза електраната ТЕЦ Неготино, која работи на мазут, произведуваше со полн капацитет, односно, во функција беа ставени двата котли, со цел да се обезбеди дополнително производство на електрична енергија за непречено снабдување со струја“, велат за Мета.мк од Владата на РСМ.
 Тие додаваат дека одлуката за ТЕЦ „Неготино“ да биде ладна резерва и да се држи во кондиција постојано за да биде вклучена на мрежа, како што беше енергетската криза, се покажала за стратешка и била клучна во обезбедување на сигурна, стабилна и континурана испорака на електрична енергија.
„Трансформацијата на ТЕЦ Неготино од мазут на природен гас, треба да биде реализирана, но со оглед на кризната состојба минатата година и нужноста од работа на ТЕЦ Неготино на мазут со цел ублажување на последиците и ценовниот шок за граѓаните не беше можно трансформацијата да се започне во предвидениот рок. АД ТЕЦ Неготино како дел од АД ЕСМ ќе биде трансформиран и прилагоден да работи на природен гас“, објаснуваат од Владата на РСМ за овој проект, без притоа да прецизираат во кој временски период би можело да се спроведе трансформацијата и прилагодувањето на работењето на оваа термоелектрана на природен гас.

Од Владата додаваат дека за сите подетални планови за трансформација и прилагодување на работењето на ТЕЦ „Неготино“ на природен гас, како и процесот на изработка на проектна документација, финансиски средства и временски рок кои би биле потребни за реализација на активностите, јавноста ќе биде информирана по одржувањето на првата седница после годишните одмори на Економско-енергетскиот совет.

Истовремено, од македонската влада појаснуваат дека првиот дел од ветувањето дека „АД ТЕЦ Неготино ќе биде дел од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ)“ во моментов е во процес на реализација, односно Владата во својство на Собрание на Акционерското друштво за производство на електрична енергија, Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост-Скопје, одлучи да отпочне статусна промена-присоединување со Акционерско друштво за производство на електрична енергија ТЕЦ „Неготино“, во државна сопственост.

За целите на присоединување го овласти и задолжи Управниот одбор на АД ЕСМ Скопје да договори и склучи Спогодба за присоединување, која ќе ги содржи податоците предвидени во Законот за трговските друштва.

„Спогодбата за присоединување ќе стане полноважна по прифаќањето од Владата на Република Северна Македонија, во својство на Собрание на двете друштва“, објаснуваат од Владата на РСМ.

Мета.мк изврши и преглед на клучните документи поврзани со работењето на неготинската термоелектрана. Во ниту еден од нив, не најдовме дека во моментов се преземаат активности за трансформација и прилагодување на ТЕЦ „Неготино“ да проработи на природен гас.

Па така, во Финансискиот план за 2023 година на ТЕЦ „Неготино“ наведено е дека планираното производство на електрична енергија годинава ќе се одвива според предвидените количини на мазут од 250.000 тони, кои ќе му бидат потребни на енергетскиот капацитет. За потребите на ТЕЦ „Неготино“, лани АД ЕСМ во екот на енергетската криза распиша тендер за набавка на 190.000 тони мазут за непречено производство на струја.

Во Инвестиционата програма за 2023 година на ниту едно место не е прецизирано дека ќе се врши инвестициона активност која е поврзана со трансформација и прилагодување на термоелектраната за работење на природен гас. Конечно, и во скудниот Стратешки план за развој на ТЕЦ „Неготино“ којшто е прикачен на веб-страницата на ова акционерско друштво нема детали за прилагодување и модернизација на постојниот капацитет за да произведува струја од природен гас.

Инаку, според новиот извештај од CEE Bankwatch Network, „Усогласи или затвори – 2023“, екологистите реагираат дека со енергетската криза во земјава која донела активирање на ТЕЦ „Неготино“ и нетранспарентни набавки на јаглен со сомнителен квалитет за другите термоелектрани, земјата се движи во обратна насока од посакуваната и само продолжува сериозно да ја загадува животната средина и да го загрозува здравјето на граѓаните, стои во соопштението на Еко-свест кое беше објавено на 28 јуни 2023 година.

Врз основа на сите горенаведени факти, можеме да заклучиме дека ова владиното ветување од Програмата за работа за периодот 2022-2024 година за трансформација и прилагодување на ТЕЦ „Неготино“ на работа на природен гас досега не е исполнето. Воедно, земајќи ги во предвид актуелните планови за набавка на актуелните количини на мазут за производство на струја во текот на 2023 година, заклучуваме дека е невозможно да се спроведе инвестициска активност за воведување на природниот гас во работењето на ТЕЦ „Неготино“ и во наредните месеци, односно ветувањето е невозможно да се исполни до 2024 година.

 

ИЗВОРИ:

Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година, проверено на 08.08.2023 година;

Финансиски план за 2023 година, АД ТЕЦ „НЕГОТИНО“, во државна сопственост, Неготино, проверено на 08.08.2023 година;

Инвестициона програма за 2023 год. (преработена), проверено на 08.08.2023 година;

Стратешки план ТЕЦ Неготино, проверено на 08.08.2023 година;

Мета (28.06.2023 година): ТЕЦ „Битола“ лани бил најголемиот загадувач со сулфур диоксид и честички во Западен Балкан, проверено на 08.08.2023 година;

Фактор (07.03.2023 година): ТЕЦ Неготино ќе купува мазут за 210 милиони евра, проверено на 08.08.2023 година;

Јавен повик Бр. 01-77/2022 за прибирање на понуди за набавка на Мазут М-1 НС за потребите на ТЕЦ Неготино, проверено на 08.08.2023 година;

Одговори доставени од Владата на РСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...