fbpx

Мета факт: Граѓаните сè уште чекаат воведување на комунална полиција

-

Комуналната полиција, чија задача треба да биде обезбедувањето чистота во општините и намалување на загадувањето, сè уште постои само на хартија. Во програмата на Владата која се однесува на животната средина и проектите кои ќе се реализираат од 2020 до 2024 година, стои дека во овој период ќе треба да се изработи и донесе Закон за комунална полиција, а службата да се формира и да започне да функционира во 2021 година.

„Ќе предложиме закон со кој ќе се формира комунална полиција на локално ниво, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и Еко патроли заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности: одлагање на отпад на места кои не се предвидени за тоа, создавање на диви депонии од градежен и мешан комунален отпад, палење на гуми и останати високоштетни материи, палење и уништување на контејнери и сл. со мандатни казни. Комуналната полиција ќе почне да функционира во 2021 година“, стои во програмата на Владата.

Со оглед на тоа дека во 2023 година сè уште нема ниту Нацрт верзија на законот, а уште помалку комунални полицајци на улиците, може да заклучиме дека ова ветување е неисполнето.

Прашањето за комуналната полиција неодамна повторно го отвори новата министерка за животна средина Каја Шукова и најави дека ќе се заложи да се реализира. Шукова потврдува дека донесувањето на ваков закон е ставено во програмата на Владата и дека сака да го реафирмира тој процес.

Таа предлага, како еден од можните начини на намалување на загадувањето и контрола на горивата кои ги користат домаќинствата и фирмите за затоплување, да се формира комунална полиција со специфични надлежности и можности за санкционирање, кои ги немаат државните и општинските инспектори за животна средина.

Комуналните полицајци, според Шукова треба да се лица со посебни овластувања кои ќе прават контрола, надзор и санкционирање на секојдневна основа, кои ќе бидат постојано на терен и ќе имаат свои реони, а ќе можат да постапуваат по разни основи, но главно за управувањето со отпад и за загадувањето. Комуналните полицајци ќе имаат овластувања да го санкционираат секој кој ќе прави престап во однос на загадување и фрлање отпад.

И претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски најави дека прашањето за законот за комунална полиција ќе го постави на дневен ред на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС и дека ќе бара поддршка за негово донесување од сите градоначалници. Тој смета дека законот мора што побрзо да се донесе бидејќи е неопходен за да се воспостави ред во општините и апелираше до Владата итно да го изработи.

 

ИЗВОРИ:

Програма на Владата за заштита на животна средина за периодот 2020-2024, проверено на 21.3.2023 година;

Дојче Веле сервис на македонски јазик (11.3.2023 година): Шукова за ДВ: Ќе воведеме комунална полиција, проверено на 21.3.2023 година;

Мета.мк (28.8.2022 година): Општините претворени во паркиралишта и се дават во ѓубре, никој не работи на Законот за комунална полиција, проверено на 21.3.2023 година;

СДК.мк (7.3.2023 година): Општините бараат комунална полиција, законот што го подготви Шилегов стои во нечија фиока во владата, проверено на 21.3.2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...