Ќе добијат ли Скопје и другите македонски градови комунална полиција? Дали законите за чистота, комунален ред, зеленило, паркирање и многу други, кои се одамна усогласени со европските и го уредуваат речиси секој аспект од урбаното живеење, конечно ќе добијат и вистинска примена во праксата. Долгогодишни се барањата на граѓаните на улиците да се вратат маалските полицајци. Редот и чистотата се под секое ниво, а потребата од ваков тип на контрола е очигледен.
Да не се плука на улица, ѓубрето да се фрли во канта, тротоарите и зеленилото да не се претвораат во паркиралишта, да не се нарушува јавниот ред и мир, да не се создава бучава во време за одмор, приватните дворови да не може да се направат ѓубришта, да мора да се исчисти снегот пред зграда, пикавецот да се понесе со себе до најблиската канта, а не да се фрли на тротоар, домашните миленици да се шетаат само со поводник, а сопствениците да мораат да го соберат нивниот измет… Стотици утврдени урбани правила за пристоен живот се дел од нашите закони и чекаат некој да ги спроведе. Чекаат комунални полицајци да се ангажираат и да ги дисциплинираат граѓаните кои не ги интересира чистотата надвор од прагот на нивниот дом.
Темата за комуналната полиција е актуелна долги години, а дел е и од Програмата на Владата за 2022-2024. Во делот за заштита на животната средина, зелен и одржлив развој, меѓу другото е предвидено во овој период да се формира систем на комунална полиција на локално ниво, со посебен закон, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и еко-патроли заеднички да преземаат мерки против сторителите на штетните активности.
Сепак, и покрај тоа што потребата од ваков орган е очигледна на секој чекор, напредок на ова поле нема. Законот што би ја регулирал оваа материја не е донесен, па состојбата е статус кво. Прашањето што се случи со иницијативата и најавите за изготвување Закон за комунална полиција го поставивме во Владата, но одговори не добивме.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, нѐ информираа дека минатата година е инициран ваков закон од страна на Градот Скопје, но бидејќи бил препратен до неколку министерства само во вид на иницијатива, а не во форма на предлог-закон на кој би дале мислење, од тогаш нема активности во однос на оваа иницијатива.
Текстот на иницијативата, посочуваат од министерството, бил претежно насочен на комуналните работи, што не се директна надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, односно МЖСПП.
„Ингеренциите и регулирањето на областа е опфатено во повеќе закони, а секоја општина има комунални инспектори, редари и сектори за комунални работи кои ги спроведуваат законите за јавна чистота, за зеленило и други. Во меѓувреме направени се интервенции во повеќе закони меѓу кои и во Законот за прекршоци каде глобите за прекршоци во животната средина се зголемени некаде и до 20 пати, како и во Законот за инспекциски надзор. Општинските комунални инспектори и редари имаат доволно ингеренции за ефикасно постапување како и општинските инспектори за животна средина“, е ставот на Министерството за животна средина за Законот за комунална полиција.
Потребата од формирање комунална полиција е впишана и во Локалниот еколошки акционен план 3 на Град Скопје за периодот од 2020 до 2026 година. Иако минатата година биле иницијатори за отпочнување на постапката за изработката на Законот за комунална полиција, градските власти сега молчат. Од таму не одговорија на прашањата на Мета.мк дали и понатаму ја поддржуваат иницијативата, ниту пак дали има најави до нив од институциите дали и кога би почнала постапката за изработка на овој закон.
Во соседството, Србија е една од земјите која има комунална полиција од 2009 година. Според законот, секоја општина може да организира своја служба, која има ингеренции да се грижи за комуналниот ред, односно за чистотата на јавниот простор, паркирањето, заштитата на животните и издавање на некои дозволи. Комуналните полицајци се ангажирани 24 часа, седум дена во неделата, можат да бидат со или без униформа, но задолжително имаат легитимација. Имаат право да носат палка, лисици и да употребат физичка сила. Можат да предупредат, да наредат, да одземат предмет и да проверуваат идентитет.