Менструалната хигиена не е привилегија – институциите ветуваат, но не исполнуваат

Фото: Oana Cristina on Unsplash

Секој месец, околу 1,8 милијарди луѓе ширум светот имаат менструација. Милиони од овие девојки, жени, трансродови мажи и небинарни лица не се во состојба да управуваат со својот менструален циклус на достоинствен, здрав начин. Од таа причина, 28 Мај се одбележува како Светски ден на менструалната хигиена.

Почетокот на менструацијата значи нова фаза и нови ранливости во животот на адолесцентите. Сепак, многу девојчиња, а и повозрасни жени се соочуваат со стигма, вознемирување, социјална дискриминација и сиромаштија за време на менструацијата и се лишени од основните средства за одржување на менструална хигиена.

Во последните неколку години, светското движење Ден на менструална хигиена (#MH Day) повикува на инвестирање во менструалното здравје и хигиена користејќи го хаштагот „Време е за Акција“ #ItsTimeForAction како крик за дејствување за да се создаде свет во кој никој нема да се дискриминира затоа што има менструација.

Иако живееме во современо општество, за менструацијата која се смета за прв знак за плодноста или половата зрелост, кај нас сè уште се зборува во кодови кои се употребуваат уште од минатиот век.

„Ми дојде тетката на гости, Имам женски проблем“, се само некои од нив.

Професорката од Институтот за етнологија и антропологија, Ана Ашталковска Гајтаноска вели дека за разлика од други земји во светот, според нашата традиција, девојките кои менструираат не биле сосема исклучени од обредните и секојдневните активности, но сепак во деновите додека им траел циклусот, извршувале обврски за кои не било потребно да бидат присутни меѓу многу луѓе.

„На пример, се сметало дека девојката која е нечиста не смее да влезе во црква и не смее да јаде црвено јајце за Велигден“, вели Ашталковска Гајтаноска.

Земајки ги предвид овие историски етнолошки податоци, загрижувачки е и тоа што сè уште, според минатогодишното истражување на Тиит Инк, повеќе од половината испитаници или 53% одговориле дека се чувствуваат „нечисто“ додека имаат менструација.

Професор доктор Глигор Тофоски кој е и претседател на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) апелира девојките и жените да не се срамат од своето тело и од менструацијата.

„Ние како Здружение на гинеколози и опстетичари сакаме што повеќе нашите жени да бидат едуцирани за сите состојби поврзани со женското здравје. Нормално тука доаѓа и прашањето на менструацијата. Меѓутоа, кај нас многу малку се допира до емотивната компонента на сите состојби коишто може да ги пратат и во еден дел и на превентивните мерки за заштита на женското здравје. Во однос на менструацијата многу е битно тоа да се доживува како нешто што е нормално, нешто што е показател дека таа женска личност всушност нормално функционира, има матка, има јајници кои нормално функционираат“, вели др. Тофоски.

Исто така, поразителни се статистиките, за кои Мета.мк веќе подолго време пишува, според кои 81 отсто од средношколките сметаат дека во училиштата треба да има бесплатни производи за менструална хигиена. Овие податоци се огледало за сиромаштијата со која се соочуваат за време на менструалниот циклус.

Па така, тие во недостаток на соодветни средства како влошки, тампони и менструални чашки, се приморани да користат алтернативни решенија какви што користеле нашите прабаби. Користат замоткани крпи, тоалетна хартија во некои случаи дури и хартија од весници, или едноставно, тие денови кога менструираат остануваат дома за да не се посрамат заради крвавите флеки на алиштата и заради менструалните болки.

Доктор Тофоски ја нагласува и важноста за одржување на менструалната хигиена како начин да се зачува и здравјето на матката како репродуктивен орган за да може во одреден период од животот, плански да се планира бременост и вели дека за тоа е потребно да се овозможат достоинствени услови.

„Најчесто сега се користат влошките за време на менструација, меѓутоа нивната цена сите знаеме дека е доста висока. Па сега луѓето се трудат на секој начин ова достоинствено собирање на менструалната крв да им се овозможи на сите“, вели доктор Тофоски.

За олеснување на менструалната хигиена и намалување на менструалната сиромаштија во светот, во Шпанија на пример се планира да се воведе тридневно лекарско отсуство за жените кои страдаат од силни менструални болки. Прво Шкотска, а веднаш потоа и Англија воведоа бесплатни тампони, хигиенски влошки и други производи за менструална хигиена за сите државни училишта и колеџи.

Позитивен пример од регионот може да се каже дека се случи во Косово. Во 2018 година, за време на одбележувањето на кампањата „Ноу мор лимитс“#NoMoreLimits по повод 28 Мај, бесплатни влошки добија сите засолништа за жени жртви на насилство низ земјата. Сега, ова неопходно средство го добија студентките од приштинскиот Универзитет и Студентскиот дом во овој град.

Но, кај нас иако активистките од Тиит инк уредно, уште минатата година ги доставија препораките и барањата за конкретни дејства за да се намали менструалната сиромаштија до надлежните институции, нема позитивен одговор.

Сѐ уште не се знае ниту што се случува со одлуката во Град Скопје за обезбедување на средства за менструална хигиена во средните училишта во Скопје која требаше да стартува во јануари.

„Ние лани увидовме дека е донесена одлука во рамки на Советот на Град Скопје на обезбедување на бесплатни средства за менструална хигиена во средните училишта во главниот град, меѓутоа еве поминаа пет месеци, а ние немаме видено како се спроведуваа таа политика, како се имплементира. Кои се производите коишто се набавуваат“, вели Јана Коцевска од Тиит Инк, додавајќи дека за да се обезбедат бесплатни влошки во училиштата државата би требало да одвои само 0,08 отсто од буџетот.

Одговори на овие прашања од Град Скопје побара и редакцијата на Мета.мк, но до објавувањето на оваа вест не добивме одговор.

Коцевска рече дека сѐ уште се чека и на оформување на работна група за пишување на нова Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје.

„Претходната 10-годишна стратегија беше за периодот до 2020 година и немаме знаење што се случува за пишување на нова стратегија, каде требаше да се вклучат мерките и препораките кои произлегоа од нашата студија,“ рече Коцевска.

Загрижувачки според активистките е и дека во многу образовни институции нема секогаш сапун или тоалетна хартија, а во некои нема ниту чешма за миење раце во тоалетите. Тие забележуваат дека недостаток на достоинствени услови за хигиена има и кај јавните тоалети.

Затоа активистките, овие барања, а и барањето за намалување на стапката на ДДВ за менструалните производи од 18 % на 5 % во понеделникот ги повторија на мирен протест пред Министерството за финансии.

Протест за намалување на менструалната сиромаштија – „5% данок на производи за менструална хигиена сега!“

Дека менструалната хигиена не е привилегија и последиците од несоодветната хигиена за време на менструалниот циклус може да бидат кобни по женското репродуктивно здравје укажуваат и податоците од истражувањата на членките на Родовата платформа, според кои во 2021 година бројот на вагинални инфекции е зголемен за 70 проценти. Доктор Тофоски, исто така вели дека има случаи кои се многу сериозни.

„Може да настане инфекција на надворешните гениталии. Може да настане инфекција на внатрешните гениталии. А некогаш дури и да се пренесе на оној дел кој што е битен за понатамошното функционирање односно за раѓање на деца и да биде причина за инфертилитет, односно може да биде причина и за посериозни заболувања во женскиот генитален тракт односно тубоваријални абцеси кои се најсериозната компликација“, рече професорот.