fbpx

Недоизграден половина од „Мега-паркот“ што го ветија општина Чаир и Град Скопје [галерија]

Во паркот нема ниту корпи за отпадоци, а ги нема и фонтаните, делот за фитнес, а ни дел од детските реквизити, пишува Порталб.мк.

-

Состојбата на терен на „Мега-паркот“ е далеку поразлична од дигитализираните фотографии од проектот за овој парк што го промовираа општина Чаир и Град Скопје во март минатата година. Овој простор и претходно беше парк, но со новиот проект е реконструиран и додадени се некои патеки и реквизити. Во паркот нема ниту корпи за отпадоци, а ги нема и фонтаните, делот за фитнес, а ни дел од детските реквизити, пишува Порталб.мк.

Во март 2023 година Градот Скопје заедно со општина Чаир во рамките на програмата „За модерно Скопје“ го промовираше „Мега паркот“ со вкупна површина од 30 илјади метри квадратни во Чаир, поточно на улицата Македонско-косовска бригада. Една година потоа Порталб.мк го посети ова место на кое требаше да биде паркот кој толку помпезно беше промовиран од локалните власти.

Според проектот, при промоцијата на овој парк беше кажано дека таму ќе има две нови спортски катчиња и две детски игралишта, но и две катчиња за домашните миленици, едно катче за спорт или фитнес, 26 места за одмор, пешачки патеки и фонтани.

„Во паркот се предвидени две нови спортски катчиња, две детски игралишта, две катчиња за домашните миленици, еден за фитнес, 26 нови летниковци (куќички за одмор), нова урбана опрема, пешачки патеки и фонтани“, пишува во  програмата на проектот за паркот на Град Скопје. За повеќе детали можете да ги погледнете сликите од проектот:

 

Во септември годинава градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, преку објава на Фејсбук потсети дека продолжуваат работите за „Мега-паркот“ и дека ќе ги одржат ветувањата.

„Сликите кои денеска ви ги пренесуваме прикажуваат како се одвиваат работите за изградбата на Мега-паркот во Чаир. Мега-паркот ќе се простира на површина од 30.000 метри квадратни, со 500 нови дрвја и садници, нова хидрантска мрежа и цветни градини. Во паркот се предвидени две нови спортски катчиња, две детски игралишта, 2 катчиња за домашните миленици, еден за фитнес, 26 нови летниковци, нова урбана опрема, пешачки патеки и фонтани“, напиша Ганиу пред пет месеци.

На 20 февруари Порталб.мк  го посети паркот за да види што од промовираното е реализирано и на терен.

Она што го забележавме е дека во паркот има засадени дрвја, но, како што може да се види на сликите подолу, не може да се каже дека се засадени 500 дрвја, како што беше ветено. Во некои делови од паркот нема трева, пa кога врне дожд се создава многу кал.

Надлежните изградиле неколку патеки за пешаците, со бекатонки, а поставиле и неколку клупи за седење и 2 летниковци, иако ветија поставување на 26 такви.

Од двете катчиња со играчки за деца, кои на сликите се прикажани опремени со модерни реквизити, има само еден мал простор каде се поставени само две лулашки.

Во паркот сè уште нема корпи за отпадоци, а го нема ниту катчето за фитнес, детските катчиња опремени со модерни играчки и фонтаните.

Во паркот исто така има и едно фудбалско игралиште кое е поплочено со бекатонки. Стадионот не е ограден и има сосема поинаков изглед од она што е промовирано.

Надлежните ветија и фонтани, но тие сè уште не се поставени.

Во паркот е изградено и катче за домашните миленици, а според ветувањата ќе треба да се изгради уште едно.

Порталб.мк побара став од општина Чаир и Град Скопје околу тоа кога ќе заврши поставувањето на другите реквизити, но до објавувањето на овој текст одговор добивме само од Град Скопје.

Од Град Скопје информираа дека паркот не е целосно завршен и дека ќе треба да се постават и останатите предвидени делови.

„Мега паркот Чаир е изграден до половина, на простор од 30.000 метри квадратни, при што во завршната фаза се планирани хортикултурни и урбани содржини. Хортикултурниот пејсаж е завршен и се протега на 21.537 метри квадратни. При уредувањето на долниот дел, покрај паркот за домашните миленици, ќе се направи и тартанизација на големото спортско игралиште, ќе се постават рачки за физички вежби и останатиот дел од урбаната опрема“, велат од Град Скопје.

Данела Арсовска на изборите во 2021 година победи со програмата „За модерно Скопје“, која меѓу другото предвидуваше изградба на овој „Мега-парк“ со модерни реквизити, а Висар Ганиу со програмата „Избери живот, гласај паметно“ , со која беа предевидени повеќе зелени површини во општината. Од она што Порталб.мк го виде на терен „Мега-паркот“ на Чаир е далеку од нивото и изгледот што властите на Скопје и Чаир им го ветија на граѓаните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...