fbpx

Обвинителството четири месеци не постапува за узурпираниот паркинг зад Поликлиника Бит Пазар

Предметот е во фаза на предистражна постапка во рамки на која се преземаат дејствија за проверка и обезбедување на доказите, гласи одговорот од Обвинителството

-

Поминаа четири месеци откако полицијата поднесе кривична пријава против две лица во врска со узурпација на државен имот и трансформација на истиот во приватен паркинг со наплата, но Обвинителството сѐ уште нема преземено конкретни мерки. Нелегалното паркиралиште продолжува да функционира во нормални услови, како ништо да не се случило, пишува Порталб.мк.

„Предметот е во фаза на предистражна постапка во рамки на која се преземаат дејствија за проверка и обезбедување на доказите“, е одговорот од Обвинителството четири месеци откако полицијата поднесе кривична пријава против две лица за „узурпација на недвижен имот“ и „градење без дозвола“, бидејќи истите лица државното земјиште го претвориле во илегален паркинг со наплата и ги тераат граѓаните да плаќаат за паркирање на тоа место.

Порталб.мк, повторно се обрати до Министерството за здравство со прашање дали продолжиле да алармираат во врска со узурпирањето на паркингот, но како и минатиот пат, тие нè упатија до други институции.

„Од Здравствен дом сме известени дека оваа јавна установа не стопанисува со паркинзите и од нивна страна истите не се дадени на користење, за повеќе информации ве молиме контактирајте ги службите на општина Чаир и Град Скопје“, нагласуваат од Министерството.

Порталб.мк побара став од Град Скопје во врска со мерките што ги презема за нелегалниот паркинг, но до објавувањето на овој текст одговор не добивме.
Од друга страна, ставот на општина Чаир во континуитет е дека тие не се надлежни за ова земјиште. Во интервју за Порталб.мк, Висар Ганиу во јуни минатата година одговорноста ја префрли кај менаџментот на Поликлиниката „Бит Пазар“ и кај Владата.

„Сите тие парцели што се во дворот на Поликлиниката се во сопственост на Поликлиниката и се наоѓаат на територијата на Чаир, но тие се во сопственост на Поликлиниката и со Поликлиниката не управува општина Чаир, туку централната власт. Ова е префрлување на вината или топката на друго поле, што не е коректно“, вели Ганиу во интервјуто за Порталб.мк.

Во меѓувреме, Владата, Поликлиниката „Бит Пазар“, Државниот градежен инспекторат, но и низа други институции, прстот го вперија кон општина Чаир.

„Во согласност со процесот на децентрализација Министерството за транспорт и врски ги предаде своите надлежности во делот на градежното земјиште на општините и од тие причини целокупното управување со земјиштето е во надлежност на општините. Во конкретниот случај, и ова земјиште и е дадено на располагање на општината и од тие причини ве советуваме да се обратите до инспекциските служби на општината. Доколку имате индиции за незаконско користење на државното земјиште, ве упатуваме да се обратите до Државниот градежен инспекторат, кој согласно своите овластувања е државно инспекциско тело во областа на градежното земјиште“, изјави Кире Коцев, портпарол на Министерството за транспорт и врски, за Порталб.мк.

На 31 октомври минатата година полицијата поднесе кривични пријави против две лица за „узурпација на недвижен имот“ и „неовластено градење“.

Но, еден ден по поднесување на кривичната пријава и увидот, Порталб.мк го посети местото и утврди дека узурпаторите продолжуваат да земаат пари од граѓаните и дека наплатата и паркирањето се одвива како ништо да не се случило, за што сведочи и следното видео:

На 22 јуни предметот беше составен откако од Обвинителството најавија дека ќе постапат ако не постапат другите надлежни институции. Но, додека Обвинителството пет месеци е во предистражна фаза, а другите институции не постапуваат, узурпаторите продолжуваат со својата незаконска дејност со тоа што им наплаќаат на граѓаните за паркирање на земјиште кое е во сопственост на државата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...