fbpx

Пропадна проширувањето на улицата „Цветан Димов“, Град Скопје пренаменил 2,3 милиони евра за исплата на долгови

Главната артерија што ја поврзува Општина Чаир со центарот на Скопје и понатаму е вистински хаос

-

2,3 милиони евра за проектот за проширување на улицата „Цветан Димов“, или поинаку позната како улицата кај „Јахја Паша“, Градот Скопје ги повлекол и ги пренаменил за покривање на обврските на Град Скопје кон Министерството за финансии, велат од Општина Чаир еден месец откако градоначалникот на оваа општина,  Висар Ганиу, изјави дека со Данела Арсовска немаат ни комуникација, ни соработка за овој проект. Од Град Скопје велат дека средствата биле предмет на  извршување поради долговите направени од претходното раководство на градот на чело со Петре Шилегов, пишува Порталб.мк.

Главната артерија што ја поврзува Општина Чаир со центарот на Скопје и понатаму е вистински хаос. Советниците на Град Скопје на крај на мај 2023 година гласаа за издвојување на 140 милиони денари (околу 2,3 милиони евра) за започнување на работите, а советниците на Општина Чаир, една недела потоа, донесоа одлука за меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и општината за овој проект. Работите требаше да започнат во септември 2023 година, но досега помина повеќе од половина година, а на терен нема никаква активност.

Од општина Чаир за Порталб.мк објаснуваат дека Градот Скопје ги повлекол средствата за овој проект за да ги пренамени на покривање на обврските на градот кон Министерството за финансии.

„Средствата што Град Скопје ги одвои за почеток на првата фаза за проширување на булеварот „Цветан Димов“, се повлечени и истите се пренаменети за покривање на обврските што Градот Скопје ги има кон Министерство за финансии. Министерството за финансии и Градот Скопје мора да одговорат како и зошто се повлечени средствата наменети за проширување на булеварот „Цветан Димов“, велат од Општина Чаир.

Од друга страна, од Град Скопје велат дека парите биле предмет на извршување поради долговите настанати во периодот на поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, а сега Советот повторно ќе треба да одвои пари.

„За жал, а не по вина на Град Скопје, финансиските средства кои се обезбедени за таа цел се предмет на извршување од страна на Министерството за финансии поради стари спорови направени во периодот од 2017-2022 година во периодот кога градоначалник на Градот Скопје беше Петре Шилегов, и кои требало да се исплатат во 2023 година. Со оглед на тоа што Буџетот на Град Скопје е ограничен поради исплатата на стари долгови направени во периодот од 2017-2021 година за време на мандатот на претходниот градоначалник Шилегов, од кои голем дел се платени во 2023 година, а сега финансирањето на овој проект годинава зависи од Градскиот совет“, велат од Град Скопје за Порталб.мк.

Оттаму додаваат дека советниците од градското раководство добиле информација дека за реализација на овој проект, кој е прифатен од Град Скопје, но и од Општина Чаир, мора да овозможат негово соодветно финансирање.

Кон средината на декември во разговор за Порталб.мк, Ганиу изјави дека проектот претставува меѓуопштинска соработка и дека тие си ги исполниле обврските, но дека Град Скопје е тој што не ги исполнува обврските.

„Проблемот за улицата „Цветан Димов“ дојде до фаза кога беше потребна проценка за експропријација на објектите. Тој повик за јавни набавки и за избор на операторот беше направен од Град Скопје и стигна во завршна фаза, а потоа потпишавме меморандум за меѓуопштинска соработка каде презедовме дел од проектот и направивме анимација како ќе изгледа улицата „Цветан Димов“ и комисиите неколку пати имаа состаноци, но од моментот кога Град Скопје ја зеде како иницијатива, ние и до денес не знаеме до каде е стигнат“, вели Ганиу.

Прашан дали комуницирал со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, тој рече „само писмено, службено“, но додава дека има доцнења, бидејќи Град Скопје не одговара на нивните барања.

„Има задоцнувања, бидејќи ние неколку пати сме испратиле допис со барање да заедничката комисија функционира и да одржи состанок и од таму да произлезат сите обврски што сме ги добиле, но тој состанок никако да се свика“, рече Ганиу, додавајќи дека Град Скопје воопшто не одговара на нивните барања.

Инаку проблемот со хаосот на  улицата „Цветан Димов“ позната како улицата на „Јахја Паша“ е предвидено да се реши со заеднички проект меѓу Град Скопје и Општина Чаир, но од оваа соработка на терен нема никаков резултат. Овој повеќегодишен проблем не се реши ниту за време на мандатот на претходниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, кој за време на полицискиот час поради ковид-пандемијата, во соработка со општината постави ѕид за поделба на улицата, за да не се дозволи возилата да се вртат на сред пат и за да не се дозволи граѓаните да ја преминуваат улицата на места каде што тоа не е означено со бели линии. Ѕидот, како што беше најавено, требаше да биде само привремено решение, но сè уште не е тргнат, а хаосот продолжува, особено во временските периоди кога граѓаните одат и се враќаат од работа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...