fbpx

Анти-ЕУ објава без аргументи ја сатанизира Европската Унија

Поддршката од ЕУ е исто така насочена и кон здравствениот сектор во Северна Македонија. Така, минатата недела ЕУ донираше 7 амбулантни возила на скопската Итна помош. Исто така донира и медицинска опрема во болниците, како и опрема за МВР

-

Европската Унија наспроти изнесеното, е стратешки партнер на С. Македонија која дава континуирана поддршка на нашата земја. Огромен е бројот на проекти, финансиска и структурна помош во сите клучни области за унапредување на демократијата и системот во С. Македонија од страна на ЕУ. Вложувањето е во здравството, полицијата, владеењето на правото, невладиниот сектор, економијата, трговијата, јавната администрација итн., пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија на која се гледа зградата на Европскиот Парламент во пламен, а на врвот од зградата е закачено знамето на Европската Унија. Во склоп на објавата пишува:

Падот на Вавилон е победа на доброто врз злото.

На фотографијата, пак, пишува:

Многу злоба од оваа куќа и е нанесено на Македонија. Заслужуваат ова да ги снајде.

Во објавата е карактеристичен анти-ЕУ ставот проследен со наратив на омраза. Европската Унија наспроти изнесеното, е стратешки партнер на С.Македонија која дава континуирана поддршка на нашата земја. ЕУ ѝ обезбедува на С. Македонија постојана поддршка и финансиска помош во процесот на спроведување на реформите неопходни за членство.

С. Македонија сака да стане членка на ЕУ. За да помогне во постигнувањето на оваа цел, ЕУ обезбедува постојана поддршка и финансиска помош преку проекти со цел земјата да може да ги спроведе сите неопходни реформи.

Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е главен финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во С. Македонија и на нејзиниот пристапен процес. Од 2007 година наваму, ЕУ, преку националната ИПА програма, инвестираше 1,6 милијарди евра во пет клучни области: владеење на право и фундаментални права, демократија и добро владеење, заштита на животната средина и одржлива поврзаност, економски развој и човечки капитал, земјоделство и рурален развој. Сите овие области се клучни за демократскиот тек и за владеењето на правото во земјата, кои ги засегаат сите граѓани.

Земјата, исто така, има придобивки и од ИПА Програмата за повеќе корисници, која во периодот 2014-2022 година издвои ЕУ-помош во висина од 3,24 милијарди евра за поддршка на проекти од регионално значење за Западен Балкан.

Од 2009 година наваму, Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан поддржа предвидени инвестиции од 3 милијарди евра во јавниот сектор во С. Македонија. Досега земјата искористила 48 гранта со вкупна вредност од 486,5 милиони евра, како техничка помош и инвестициски зафати. Други донатори обезбедиле 20,2 милиони евра како билатерална помош, а 900 милиони евра се обезбедени како заеми од различни меѓународни финансиски институции.

Дополнително, Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР) обезбеди 10 милиони евра за проекти за зајакнување на демократијата и човековите права во периодот 2007 – 2024 година.

ЕУ, исто така, нуди поддршка преку TAIEX инструментот, кој им помага на земјите партнери да се запознаат, да ги применуваат и извршуваат законите на ЕУ.  TAIEX финансира краткорочна техничка помош, совети и обука. Помошта на TAIEX е отворена за државни службеници, судски и полициски власти, парламенти/законодавни тела и нивниот персонал, професионални/трговски здруженија, групи на работници и работодавачи, преведувачи и уредувачи на законодавни текстови.

Како дополнение, TAIEX Капацитет за локална администрација (LAF) поддржува семинари за клучните политики на ЕУ кои имаат влијание на локално ниво и за избрани членови и за постојани службеници на локални и регионални власти.

Во врска со економските и трговските односи ЕУ е главниот трговски партнер на С. Македонија, со 77,5 проценти од извозот на земјата и 51 процент од нејзиниот увоз. Германија е најголем трговски партнер на земјата, а следуваат Велика Британија, Србија, Кина и Грција.

Некои од клучните програми и иницијативи на ЕУ за поддршка на раст на бизнисите и пошироката економија се достапни за компании кои се наоѓаат во С. Македонија, вклучително Horizon Europe 2021-2027 (клучна програма на ЕУ за финансирање истражувања и иновации, со буџет од 95,5 милијарди евра). Потоа Access2Markets (портал за извоз и увоз од ЕУ, кој дава информаци за сите тарифи, царински процедури и формалности, како и барања во однос на производите на ЕУ пазарот), Grow your business (субвенционирани советодавни услуги за компании), итн.

ЕУ, исто така, обезбедува финансиска помош за проектите на граѓанското општество преку нејзиниот Инструмент за претпристапна помош (IPA). Во 2008 година ЕУ го воспостави Инструментот за граѓанско општество за да го поддржи развојот на граѓанските општества во Југоисточна Европа и да им помогне да имаат поактивна улога во дијалогот за политиките и да го поддржуваат пристапниот процес на ниво на заедницата, да ги мобилизираат граѓаните и заедниците во наоѓањето локални решенија и во водењето иницијативи за социјална инклузивност, да работат на промовирање човекови, социјални и еколошки права, ефикасно да ги следат структурните реформи што ги спроведуваат владите како и да развиваат прекугранични проекти и мрежи.

Во периодот 2014-2020 година, ЕУ обезбеди 24,3 милиони евра за проекти за организациите од граѓанското општество во Северна Македонија.

На граѓаните на земјата им беше доделен безвизен режим за патување во Шенген зоната во декември 2009 година.

Во март 2020 година, Европскиот совет ја потврди одлуката да отвори пристапни преговори со Северна Македонија. Откако Советот ја одобри Преговарачката рамка, во согласност со ревидираната методологија за проширување, на 19 јули 2022 година ЕУ ја започна воведната фаза од пристапните преговори со Северна Македонија. Во декември 2023 година, земјата го заврши скрининг процесот.

На страницата на делегацијата на ЕУ, може да се погледнат сите проекти поддржани од ЕУ.

Поддршката од ЕУ е исто така насочена и кон здравствениот сектор во Северна Македонија. Така, минатата недела ЕУ донираше 7 амбулантни возила на скопската Итна помош. Исто така донира и медицинска опрема во болниците, како и опрема за МВР.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...