Шпанија со закон планира боледување за жените со силни менструални болки

Photo by cottonbro: https://www.pexels.com/photo/woman-suffering-from-a-stomach-pain-lying-down-on-bed-6542697/

Шпанија планира да воведе лекарско отсуство за жените кои страдаат од силни менструални болки, јавува Би-би-си. Новиот нацрт-закон предвидува жените да можат да имаат три дена отсуство во текот на месецот, кои може да бидат продолжени до пет дена во некои околности.

Политичарите предупредија дека законот засега е само нацрт и на него сè уште се работи.

Доколку биде усвоен во шпанскиот парламент, тоа ќе биде прво такво законско право во Европа. Само мал број земји ширум светот имаат такво законодавство.

Планираниот иден закон е дел од многу пошироката репродуктивна здравствена реформа на шпанската легислатива, која ќе вклучи промени во законите за абортус во земјата.

Тридневното боледување за жените со силни менструални болки ќе биде дозволено со  белешка од лекар, додека потенцијалното продолжување на пет дена ќе биде за оние случаи каде жените се соочуваат со особено интензивна или онеспособувачка болка.

Сепак, ваквото право не се очекува да важи во Шпанија за оние жени кои трпат блага непријатност во текот на менструалниот циклус.

Новиот пристап вклучува и укинување на ДДВ-то за некои хигиенски производи – таканаречениот „тампон данок“ – и бесплатни хигиенски производи кои се достапни во јавните центри, како што се училиштата и затворите.

Нацртот, исто така, вклучува продолжување на платеното породилно отсуство пред породувањето и промени во законите за абортус, кои беа претходно најавени од шпанските власти.