Од јануари ученичките во средните училишта во Скопје ќе добијат бесплатни менструални производи

Фото: Принскрин - Тиит.инк

На вчерашната седница на советот на Град Скопје по предлог амандман предложен од страна на советничката Теодора Крстевска изгласани се 2.000.000 денари од буџетот на градот кои ќе бидат наменети за обезбедување на бесплатни менструални производи за средните училишта.

„Со тоа ќе се ублажи проблемот со менструалната сиромаштија. Од Јануари 2022 година, секое девојче ќе може нормално да функционира за време за менструалниот циклус“, објави Крстевска на својот Фејсбук профил.

Таа додаде дека покрај тоа што се радува што успеала обезбеди средства за обезбедување на бесплатни хигиенски менструални производи за девојчињата останала фрапирана затоа што амандманите со кои побарала субвенции за посета на културни настани (театар, балет, филхармонија, музеи) за млади од социјално ранливи категории, како и поставување на соларни панели на крововите на средните училишта и енергетско ефикасни фасади со што секое училиште годишно ќе заштедува по 10.000 евра произведувајќи сопствена струја не биле прифатени.

Одлуката со која ќе се обезбедат бесплатни менструални производи за ученичките од средните училишта следи по студијата „Менструална правда“ која минатиот месец ја објавија активистките за заштита на женските права од „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција.

Податоците од истражувањето покажаа дека 81 отсто од средношколките сметаат дека во училиштата треба да има бесплатни производи за менструална хигиена. Исто така, 79 отсто од испитаничките одговориле дека во нивното училиште нема секогаш сапун или тоалетна хартија. Една петтина рекле дека немаат ниту чешма за миење раце во тоалетите.

Околу 65 отсто од учесничките во анкетата одговориле дека во нивното училиште никогаш немало предавања или разговори за условите за одржување менструална хигиена.

Според пресметките во истражувањето, обезбедувањето на бесплатни производи за менструална хигиена би чинело нешто повеќе од 0,08 отсто од вкупните расходи на државниот буџет за 2021 година.