Треба интерсекторска соработка за да се надмине менструалната сиромаштија

Фото: Tiiiit.inc

„За да се надмине менструалната сиромаштија и да се разбијат табу темите поврзани со менструацијата потребна е интерсекторска соработка меѓу министерствата, општините и училишта“, порачаа активистките за заштита на женските права од „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“ и претставничката на Министерството за здравство Сања Саздовска.

Иако кај нас не е прв пат да се говори за менструацијата, надминувањето на стереотипите и табуата поврзани со менструирањето, како и менструалната сиромаштија, јавноста денес имаше можност да се запознае со поразителни информации кои се резултат од првата сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија – Менструална правда.

Фото: Сведоштва од испитанички

Студијата содржи три нивоа на истражувања кои ги отвораат прашањата за менструална правда преку анализа на искуствата, практиките и социјалните перцепции на жените, девојките и другите лица кои менструираат, како и преку пресметки за трошоците за менструалното здравје и добри практики од регионот и пошироко.

Во неа, сведоштвата на девојките, жените и лицата кои менструирааат, во стилот „Мислам дека треба сите менструални производи да бидат бесплатни (барем во училиштата), бидејќи е природен циклус и никој не сака да е изложен на каков било потсмев“ се преточени во конкретни бројки.

Фото: Менструална сиромаштија

Според клучните наоди од прашалникот кој целосно го пополниле 2.696 лица, речиси секоја трета учесничка одговорила дека барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, тоалетна хартија (а половина од овие учеснички и повеќепати).

Вкупно 77 отсто од анкетираните жени и девојки трошат од 101 до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена. Понекогаш, 39 проценти од нив купуваат поевтини производи за менструална хигиена од оние што им се најдобри.

А, за да си овозможат да купат производи за менструална хигиена и аналгетици, жените кои се најмалку платени, односно добиваат минимална плата треба да работат 1 година и 2 месеци во текот на својот живот.

Затоа не е ниту изненадувачки податокот што дури 90 отсто се согласуваат дека треба да има бесплатни производи за менструална хигиена во јавните објекти.

Поразувачка рефлексија за нашето општество е и податокот дека дури 90 отсто испитанички сметаат дека во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена. Како и дека 41 отсто се обидувале или сè уште се обидуваат да ги скријат влошките (или други производи поврзани со менструација) кога ги носат во тоалет или кога купуваат во продавница, затоа што е „срамота да се гледаат влошки“. Кај младите (18-19 години) овој процент е 54 отсто.

Фото: Графикон од студијата Менструална правда

Загрижувачки е и податокот што иако најголем дел од примерокот се високообразовани испитаници, поточно 63 отсто имаат завршено високо образование (додипломски, постдипломски студии или виша школа), 71 отсто немаат слушнато за концептот менструална сиромаштија.

За да се надмине менструалната сиромаштија и да се обезбедат бесплатни производи за менструална хигиена според резултатите на студијата државата треба да издвои само малку повеќе 0,08 отсто од вкупните расходи планирани за Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година.

Фото: Илустрација од студијата Менструална правда

Меѓу препораките кои резултираат од студијата, освен детабуизирање на менструацијата и ослободување од дискурсот на „срамота“ преку едукативни кампањи и јавни дебати за менструална правда, потребна е и едукација на стручните служби и воспитно-образовниот кадар во училиштата.

Исто така, меѓу другото, неопходно е и подобрување на јавната инфраструктура и градење на нова родово-сензитивна инфраструктура – односно проектирање, реновирање и изградба на достапни, чисти и безбедни јавни тоалети (вклучително и тоалетите во училиштата) што одговараат на потребите на девојките, жените и девојчињата.

Фото: Сведоштва од испитанички

А за оваа тема треба да се направи и акциски план врз основа на Националната стратегија за родова еднаквост 2021-2026.